Бизнисменот Сашо Јанакиевски повеќе нема да е почесен конзул на Унгарија во Битола. Министерството за надворешни работи (МНР) веќе ја започнало постапката откако вчера добило нота од Унгарија.
„Во текот на вчерашниот ден, МНР со нота добиена од Амбасадата на Унгарија во Скопје е известено дека министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, го отповикува од мандат Сашо Јанакиевски, почесен конзул на Унгарија во Битола“,
велат од МНР.
Во одговорот од МНР не наведуваат дали Сјарто ги образложил и причините за да испрати ваква нота, но периодот на отповикување е само неколку дена откако беше обелоденет случај со несоодветно третирање на медицински отпад од страна на фирмата „Еко клуб“, каде што еден од сопствениците е токму Јанакиевски.

Случајот пред три дена во јавноста го претставија градоначалникот Град Скопје, Петре Шилегов, и главниот градски инспектор, Мирослав Богдановски. Тие посочија дека битолската фирма со подружница во Скопје, која има лиценца за медицински отпад, несоодветно го обработувала односно го сечела во машина без термички да го обработи, стерилизира и запакува, а потоа како обичен отпад истиот се носел во депонијата „Дрисла“.
Двајцата на прес-конференција објавија и снимки и фотографии, тврдејќи дека од нив се гледа неодговорното постапување каде што кучиња скитници јадат човечки остатоци и крв што истекува во атмосферската канализација и се влева во реката Вардар.
За овој случај Шилегов го прозва и обвинителството бидејќи педесетина дена нема информации дали нешто се презема, а во прозивките кои продолжија и наредните денови, од ОЈО Скопје, пак, возвратија дека работат на случајот и дека кога инспекторот во декември ја поднел пријавата немал материјални докази, па тие издале наредба да се проверат неговите тврдења.
Денеска на новинарски прашања за овој случај одговараше и техничкиот премиер Оливер Спасовски апелирајќи случајот да се расчисти што поскоро.
„Сето она што беше откриено после преземањето на депонијата ‘Дрисла’ од страна на Град Скопје е прашање што мора да се затвори од аспект на истрага која ќе одговори на сите прашања кои се од општ интерес за сите граѓани заради тоа што пред сè се работи за нивниот живот и здравје и за заштитата на животната средина. Апелирам истрагата за заврши што е можно побрзо“, рече Спасовски.
Тој потенцираше дека другите институции мора да бидат во поддршка на обвинителството за да се обелодени што се правело во минатото, кој е најодогворен и како ќе плати за тоа што работел незаконски.
*Поврзани вести:
Кои се бизнисите со медицински отпад на „Еко клуб“
Шилегов: ОЈО и Инспекторатот да понесат одговорност за скандалот со медицинскиот отпад!
Контролата на Државниот инспекторат не покажала неправилности во фирмата за медицински отпад