Апелацискиот суд во Скопје во март годинава донесе одлука тој да добие условен отпуст за предметот „Титаник“
Откако повеќе од шест години помина зад решетки, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој беше осуден на затворска казна за повеќе предмети кои ги отвори поранешното Специјално јавно обвинителство, денеска треба да излезе од затворот „Скопје“.
Апелациониот суд во Скопје во март годинава донесе одлука тој да добие условен отпуст за предметот „Титаник“.
„Согласно донесеното решение на Апелацискиот суд Скопје, одлуката за условен отпуст е преиначена и условниот отпуст за осудениот М.Ј. наместо, како што гласеше првичната одлука, да започне на 16.01.2025 година, ќе започне на 17.06.2024 година, но под услов до истекот на условниот отпуст обвинетиот да не стори ново кривично дело“,
соопштија тогаш од скопска Апелација.
Јанакиески беше осуден на три и пол години затвор во случајот „Титаник“ за изборни нерегуларности откако призна вина.
Инаку, „Титаник“ беше првиот случај за кој на почетокот на 2016 година поранешното СЈО отвори истрага.
Покрај „Титаник“, Јанакиески беше обвинет и во „Шпански скали“ и во случајот „27 април“.
Европскиот суд за човекови права и слободи лани ја објави пресудата во случајот на поранешниот министер против Северна Македонија, во однос на изречените мерки притвор за судските предмети за „27 април“ и за „Шпански скали“, во која стоеше дека му биле прекршени правата од членот 5 на Европската конвенција за човекови права.
Според пресудата, државата ќе треба да му плати вкупна отштета од 6 100 евра на Јанакиески, од кои 3 900 евра за нематеријална штета и 2 200 евра за трошоци.
Во меѓувреме измените на Кривичниот законик го спасија и Јанакиески од натамошно гонење во случаите „Топлик“ и „Талир“, поради застареност на делото.