Појавувањето на Давидовски на граничниот премин „Деве Баир“ се случува два месеца откако на власт во земјава е ВМРО-ДПМНЕ. На митинзите што оваа партија ги држеше за време на изборната кампања често можеше да се слушне реторика дека обвинетите за „27 април“ се неправедно осудени
По речиси седум години бегство, вчера утро на граничниот премин „Деве Баир“ на влез од Бугарија во С Македонија од слобода е лишен Дејан Давидовски-Дешо, кој се бараше со меѓународна потерница за упадот во Собранието на 27 април 2017 г. познат и како „крвавиот четврток“.
Информацијата за „360 степени“ ја потврдија од Министерството за внатрешни работи (МВР), од каде ги соопштија само иницијалите, но тие, како и возраста, одговараат на Давидовски.
„На 25.8.2024 г. во 10:30 часот на ГП ‘Деве Баир’, на влез во РСМ, се пријавил Д.Д.(43) од Скопје и при редовната пасошка контрола е констатирано дека евидира на стоп-листата со мерка ‘лиши од слобода’ за кривично дело по член 313 од КЗ и за кој од страна на Основен суд Скопје 1 (сега Основен кривичен суд Скопје), на 18.12.2017 г. е одредена мерка притвор, по што лицето е лишено од слобода“,
информираат од МВР.
Според пишувањето на медиумите, Давидовски кој се бараше за кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, по седумгодишно бегство се предал на полицијата на граничниот премин „Деве Баир“.
Инаку, пред пет години, односно на 12 април 2019 година, шведските власти постапувајќи по меѓународната потерница издадена преку Интерпол го уапсија Давидовски. Нему му беше одреден екстрадициски притвор во оваа скандинавска земја, но тамошниот Врховен суд одлучи да го одбие барањето на македонските власти за екстрадиција и го пушти на слобода.
Појавувањето на Давидовски на граничниот премин „Деве Баир“ се случува два месеца откако на власт во земјава е ВМРО-ДПМНЕ. На митинзите што оваа партија ги држеше за време на изборната кампања често можеше да се слушне реторика дека обвинетите за „27 април“ се неправедно осудени.
Актуелната претседателка на државата Гордана Сиљановска-Давкова тогаш како кандидат за функцијата поддржан од ВМРО-ДПМНЕ уште на вториот ден од изборната кампања за првиот круг од претседателските избори на митинг во Струга рече дека доколку дојде на позицијата претседател на државата, ќе ги помилува осудените за „27 април“.
„Вам, граѓаните, кога некогаш неоправдано ќе се најдете во судот, пред лицето на правдата, односно на неправдата, многу ви е важно дали има шанса од една кочница наречена помилување. Да, помилувањето не е случајно, има долга историска традиција. Го користеле кралеви, кралици, претседатели, ама кај нас мислам дека не се користело кога треба или се злоупотребувало кога не треба. Потребно е во името на правдата, на етиката, на моралот, претседателот понекогаш да се одважи и да посегне по една кочница во однос на судот. Тоа ќе го направам и честопати го спомнувам, особено кога ги имам на ум обвинетите од 27 април. Страшно ме погоди судбината на Јане Ченто. Зар е можно судбината на неговиот дедо да се повторува во 21 век, во современа Македонија. Замислете да бидете обвинети за организирање на тетрористичка закана или за рушење на уставниот поредок на Македонија. Последиците ќе ги чувствувавме до ден денес ако имаше таква закана“,
рече Сиљановска-Давкова на митингот во Струга одржан на 5 април 2024 г.
Минатиот месец, ТВ Телма повикувајќи се на свои извори објави дека новиот в.д. директор на Управата за извршување санкции, Александар Пандов, одобрил повеќе барања за привремен прекин на затворска казна за осуденици од случајот „27 април“ за упадот во Собранието.
Пандов на прес-конференција на 22 јули ја потврди информацијата, но не кажа колку точно барања се одобрени, ниту на кого се однесуваат.
ТВ Телма, повикувајќи се на извори од Управата за извршување санкции, јави дека меѓу осудениците од „27 април“ на кои Пандов им ги потпишал барањата за прекин на издржувањето на казната се и поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков, а дека од зад решетки бил пуштен и осуденикот Душко Лазаров.
Според информации од затворската управа, како што објави телевизијата, најголемиот дел од барањата кои биле одобрени, се за физикална терапија.