Францускиот бизнисмен Бернар Арно е новиот најбогат човек на светот. Неговото богатство од 192 милијарди долари, кое најмногу доаѓа од неговата мултинационална компанија и конгломерат ЛВМХ, беше доволно за да го престигне сегашниот лидер на листата на најбогати – Џеф Безос.
Овој Французин, кого често го нарекуваат „папа во светот на модата“, несомнено е најбогатиот Европеец од 2018 година, кога неговото богатство беше проценето на нешто повеќе од седумдесет милијарди долари. Во последниве години тој посериозно влезе во оваа трка од глобални размери, каде што повремено заземаше едно од првите пет места на најбогати.
Тој е на врвот на листата поради успешната работа на неговата компанија ЛВМХ во изминатите 14 месеци. Во овој период, тој го зголеми своето лично богатство за неверојатни 110 милијарди долари и со тоа стана првиот Европеец што се појавил на врвот на листата по речиси еден век.
Компанијата ЛВМХ е специјализирана за производство и продажба на луксузна облека, која поседува некои од најпознатите светски марки како Диор, Луј Витон, Хенеси, Живанши, Лоро Пијана… Вредноста на оваа компанија на пазарот постојано расте во последните неколку недели и според некои процени изнесува нешто помалку од 400 милијарди долари.
Според истражувањето на аналитичарите од Инвестициската банка „Џеферис“ и „Форбс“, растот на приходите од 17 милијарди долари (32 проценти во споредба со 2020 година) е резултат на зголемената продажба на производи во Кина.
Самиот Арно, како и компанијата ЛВМХ, има многу интересна биографија. Тој е дипломиран инженер, кој по завршувањето на престижниот Политехнички колеџ почнува да работи во градежната компанија на неговиот татко и веќе ги покажува и ги реализира своите визионерски идеи.
По неколку години поминати во компанијата, тој успева да го убеди својот татко да ја смени насоката на деловната активност во правец на купување и тргување со недвижнини, со акцент на изградбата и развојот на туристички комплекси. Станува директор на компанијата во 1974 година, а целосно ја презема компанијата од својот татко во 1979 година.
Неговиот влез во светот на модата започнува во 1984 година, кога со помош на партнер го купува „Финансиер Агаш“ и така ја презема контролата над „Бусак Сан Фрер“, текстилна компанија која е сопственик на продавниците „Диор“ и „Ле Бон Марш“. Оттука Арно почнува да ја гради својата империја.
Кон крајот на осумдесеттите и почетокот на деведесеттите, Арно добива идеја да ги собере најсилните брендови во Франција и Европа под еден покрив, па така е создадена и компанијата ЛВМХ. Во следните години компанијата презема голем дел од најпознатите светски брендови.