Бугарскиот конзул, како што пишува „Гласот на Америка“, во писмо до канцеларијата на гувернерката на Мичиген, Гречен Витмер, бара средба со нејзиниот тим за да се најде решение за заштита на македонско-бугарската заедница во Мичиген. Според него, растела загриженоста дека прокламацијата ќе се искористи „за унапредување на себичните цели на северномакедонските националисти, вклучително и за културно присвојување на наследството на бугарските Американци“
Од Обединетата македонска дијаспора (ОМД), на чија иницијатива беше донесена прокламацијата, велат дека побарале заштита од Федералното истражно биро (ФБИ) поради притисокот од бугарската влада
Прокламацијата со која септември се прогласува за Месец на македонската култура во Соединетите Американски Држави (САД) е отстранета од интернет-страницата на гувернерката на американската сојузна држава Мичиген, Гречен Витмер, јавува „Гласот на Америка“ на македонски јазик.
Ова доаѓа откако генералниот конзул на Бугарија во Чикаго, Светослав Станков, испратил писмо до канцеларијата на гувернерката во кое реагирал на прогласувањето на септември за Месец на македонско-американското наследство во оваа сојузна држава.
Бугарскиот конзул, како што пишува „Гласот на Америка“, бара средба со нејзиниот тим за да се најде решение за заштита на македонско-бугарската заедница во Мичиген. Според него, растела загриженоста дека прокламацијата ќе се искористи „за унапредување на себичните цели на северномакедонските националисти, вклучително и за културно присвојување на наследството на бугарските Американци“.
„Прво, би го истакнал добро познатиот факт дека Македонија е географски регион, кој спаѓа во територијата на четири различни суверени држави: Бугарија, Грција, Албанија и Северна Македонија (поранешна југословенска република, независна од 1991 година). Терминот ‘македонски’ немаше и не може да носи никаква референца на конкретна македонска етничка група во годините пред 1944 година“,
се вели во писмото од бугарскиот конзул, пренесува сервисот.
Во прокламацијата од гувернерката Витмер беше наведено дека македонските имигранти почнале да доаѓаат во САД од пред повеќе од еден век, а денес има над половина милион Американци со македонско потекло во државата.
„Американците со македонско потекло придонесуваат за американската култура преку бизнис, спорт, уметност, политика, медицина, право, култура, кулинарски вештини и многубројни други области“,
пишуваше во известувањето.
Станков во писмото, според „Гласот на Америка“, реагира и на овие делови во прокламацијата.
Според него, таквата „генерализација без извори ги храни културните обиди за присвојување на современите северномакедонски националисти“.
Тој во продолжение објаснува: „И по комунистичкото преземање на Југославија по 1944 година, комунистичката власт насилно промовираше нова македонска етничката припадност со цел да се обезбеди социјална и политичка кохезија. Прекувремено, дел од населението го прифати овој идентитет“.
Од „Гласот на Америка“ на македонски јазик побарале коментар за писмото од гувернерката на Мичиген, но до објавувањето на веста не добиле одговор.
Од Обединетата македонска дијаспора (ОМД), на чија иницијатива беше донесена прокламацијата, велат дека побарале заштита од Федералното истражно биро (ФБИ) поради притисокот од бугарската влада.
„Денес поднесов жалба до ФБИ за транснационална репресија против бугарскиот генерален конзул во Чикаго, Светослав Станков. Тој ме напаѓа лично мене и другите членови на Обединетата македонска дијаспора врз основа на нашиот етнички идентитет, вклучително и вербални напади врз лица на македонски настани. Ова е тактика на бугарскиот режим да ги замолчи Македонците во странство, особено во САД, и ние нема да го дозволиме тоа“,
изјавил за „Гласот на Америка“ на македонски јазик коосновачот и волонтерски претседател на ОМД, Методија А. Колоски.
Покрај Мичиген, септември 2023 година беше прогласен за Месец на македонската култура во САД и во сојузната држава Илиноис, како и во градот Чикаго.
Градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс, пак, го прогласи 16 септември за ден на македонското наследство.
Во јули републиканскиот сенатор од Индијана, Мајк Брон, претстави резолуција во Сенатот да се прогласи септември 2023 година за месец на македонско-американско наследство во САД, кога ќе се слават јазикот, историјата и културата на македонските Американци, потсетува „Гласот на Америка“ на македонски јазик
Резолуцијата спонзорирана од Брон, кој е единствен сенатор што е член на групата пријатели на Македонија и македонските Американци во Конгресот, прво треба да биде одобрена од сенатскиот Комитет за судство, пред за неа да гласа целиот Сенат.