Се работи за владината мерка, според која по еден родител мора да биде ослободен од работни обврски за да остане дома со дете или деца до 10 години, нешто што според полицискиот синдикат не се почитувало во МВР во случаи кога и двајцата родители се вработени во полицијата
Независниот синдикат на полицијата денеска реагираше дека дел од одлуките на Владата за заштита од коронавирусот не важат за вработените во Министерството за внатрешни работи.
Тврдат дека ако и двајцата сопружници родители работат во МВР, не им се дозволува ниту еден од нив да отсуствува од работа за да го чува детето дома, откако започна оваа владина мерка како превенција од коронавирусот.
Претседателот на Синдикатот, Гоце Делчев Тодев, вели дека досега имал педесетина реакции на родители вработени во МВР на кои не им било дозволено отсуство.

„Членот 3 од одлуката на Владата не важи за вработените во полицијата кои имаат два родитела вработени во МВР за еден од нив, доколку имаат дете до 10 години и имаат потврда, да може да биде ослободен. Ова ги поминува сите граници на трпение кај многубројни вработени во полицијата затоа што вработени ме прашуваат дали ние сме граѓани од втор, трет, петти или десетти ред, постоиме или не постоиме и дали воопшто некој води сметка за нас во оваа држава. Зашто се изземаат само вработени во МВР?“,
изјави Делчев Тодев.
Делчев Тодев вели дека и припадниците на полицијата се граѓани на земјава и дека и тие треба подеднакво да бидат третирани бидејќи и тие имаат деца и семејства.
На ова одговори министерот за внатрешни работи Наќе Чулев велејќи дека самохраните полициски службеници, оние со хронични болести и оние чии партнери работат во МВР, одбрана, армија, царина и во противпожарните единици ќе бидат опфатени со мерките на Владата за ослободување од работа.
Чулев денеска изутрина испратил телеграма до сите единици на МВР и ги информирал дека службениците од овие категории може да бидат ослободени.
Денеска и министерот за здравство Венко Филипче изјави дека на родители вработени во ист сектор ќе им биде дозволено отсуство на еден од нив.
Владината мерка од пред неколку дена предвидува по еден родител на дете до 10 години да биде ослободен од работа додека траат засилените мерки за заштита од коронавирусот.