Од кабинетот на спикерот соопштија дека станува збор за ад хок координација „во врска со начинот и динамиката на продолжување на тековната работа на Собранието, пленарните седници и седниците на работните тела“
Вонредна координација со шефовите на пратенички групи закажа попладнево спикерот Талат Џафери, откако се појавија први поизразени знаци за деблокада на законодавниот дом, со денешниот почетокот на амандманската расправа за законите што произлегоа од петтиот сет антикризни мерки.
Од кабинетот на Џафери соопштија дека станува збор за ад хок координација со координаторите и претставници на партиите застапени во парламентот „во врска со начинот и динамиката на продолжување на тековната работа на Собранието, пленарните седници и седниците на работните тела“.
По последната средба на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со премиерот Зоран Заев, кој во понеделникот се сретна и со лидерот на АА Зијадин Села, двете опозициски коалиции вчера решија да ги повлечат амандманите на дел од законските решенија поради кои досега беше блокирана работата на Собранието. ВМРО-ДПМНЕ ги повлече амандманите од Законот за државјанство, по што Алијанса/Алтернатива се согласи да ги деблокира законите од петтиот пакет мерки.
Во последниот период, поради ситуацијата со ковид-19 и одбивањата на опозицијата да учествува во обезбедувањето кворум за одлучување, покрај амандманските блокади и блокадите на комисиите, парламентарното мнозинство практикуваше поинаков стил на работа. Така што пленарни седници, главно, се одржуваат во вторник, среда и во четврток, а понеделник и петок се „слободни денови“.
На тој начин, од донесувањето на измените на законите за попис и за избори досега, во Собранието главно имаше седници на кои се дебатира за точките на дневен ред, но не се гласа за нив. Гласањето, всушност, се остава за друг ден, кога мнозинството ќе биде сигурно дека во салата има најмалку 61 пратеник од владејачките партии, за да може да се премине на изјаснување.