„Извршени се детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, велат од МВР за дојавите за бомби кои попладнево ги добиле повеќе улишта во главниот град
Лажни се и денешните дојави за поставени бомби кои на своите мејл адреси попладнево ги добиле вкупно девет училишта во Скопје. Информацијата „360 степени“ ја потврдија од Министерството за внатрешни работи (МВР) по направените антитерористички проверки во училиштата.
„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“,
велат од МВР.
Претходно од Министерството информираа дека дојави за поставени бомби денеска попладне пријавиле повеќе училишта во главниот град, по што екипите на МВР преземале мерки за расчистување на случаите.
Оттаму не наведоа за кои точно училишта станува збор.
Денешните закани за поставени бомби училиштата ги добија на последниот училишен ден од првото полугодие.