Според евроамбасадорот во земјава, Михалис Рокас, ставањето на камен-темелник на граничниот премин „Маркова нога“ е исклучителен настан и претставува историски настан за државата
Денеска е посебен ден за Преспа, рече премиерот Христијан Мицкоски на поставувањето на камен-темелник за изградба на македонско-грчкиот граничен премин „Маркова нога“, од македонска страна, во близина на селото Долно Дупени, на брегот на Преспанското Езеро, посочувајќи дека овој премин е само уште еден чекор кон поврзување на двете Преспи, од една и од другата страна на границата.

„Ваквите примери се позитивни и за двете држави. Во таа насока треба и понатаму да се градат односите, да се поврзуваме, зашто само на тој начин можеме да бидеме во оптиката на поголемите држави“,
рече тој.
На прашањето дали го сменил мислењето за Преспанскиот договор, рече дека никогаш не го променил мислењето, оти и до денеска го има истиот став.
„Исто така, уште пред шест години сум кажал дека тоа е реалност. И ако сакаме да бидеме реални политичари, тогаш мора реалноста да ја погледнеме во очи. Јас не сум човек што политиката ја гледа како замислена работа, туку политиката е практично уметност на можното“,
кажа премиерот.
Според евроамбасадорот во земјава, Михалис Рокас, ставањето камен-темелник на граничниот премин „Маркова нога“ претставува исклучителен и историски настан за државата.
„Визијата на ЕУ за Преспанскиот Регион е визијата на граѓаните од трите страни на Преспа. Најважно е да се има визија што ќе биде фокусирана од луѓето за луѓето, но и визија што ќе биде фокусирана на размената на искуства од трите страни на границата, со што ќе има економски развој, економска одржливост, како и зачувување на Преспанското Езеро, кое не е само природно наследство на Преспанскиот Регион, туку и европско наследство“,
рече Рокас.
Граничниот премин се очекува да биде отворен во 2028 година.
Инаку, повторно отворање на премиенот беше најавено со потпишувањето на Преспанскиот договор во 2018 година.
Граничниот премин „Маркова нога“ – „Лемос“ е затворен повеќе од 50 години, а преку него се поминувало само со лична карта.