Доколку се споредат последните две публикации на податоци на Министерството за здравство за бројот на активни случаи по општини во скопскиот регион, вкупниот број на заболени паднал од 2 050 на 1 983 за два дена. Иако промената е маргинална, ова е прв позитивен тренд по подолго време.
Чаир веќе долго време е општината рекордер во главниот град, според бројот на активни случаи. Во догледно време, веројатно така и ќе остане бидејќи бројката на активни случаи во општината повеќе од два пати ја надминува второрангираната Гази Баба.
Но, во изминативе два дена се случи и нешто позитивно во Чаир. Од 454 активни случаи на 1 јули, сега во општината има 424 активно болни од ковид-19.
Каде „паѓа“ заразата во Скопје
Според споредбата на податоците објавени на 1 и на 3 јуни, најголемо намалување на бројот на активни случаи има во Чаир (-30), Сарај (-15), Аеродром (-10), Центар (-9) и Ѓорче Петров (-5). Но, од друга страна, некои општини бележат зголемување на бројот на случаи, пред се Гази Баба (+8) и Шуто Оризари (+3).

Кога министерството ги објавува податоците за Скопје, сепак тие не се однесуваат само на десетте општини под Град Скопје, туку на целиот скопски регион.
Кога ќе се додадат и тие општини, видливо е дека состојбата во руралните средини е горе-долу слична. Најголемо намалување на бројот на активни случаи има во Петровец (-3) и во Чучер Сандево (-2). Но затоа по два повеќе активни случаи споредено со завчера има во Студеничани, Арачиново и Зелениково.
