Премиерот додаде дека не очекува промена на односите со Берлин поради македонското коспонзорирање на предлог-резолуцијата на САД за Украина
Уште поголемо зајакнување на билатералните односи со Германија – очекува премиерот Христијан Мицкоски по победата на коалицискиот блок ЦДУ/ЦСУ на вчерашните парламентарни избори. Изрази очекување дека демохристијаните на Фридрих Мерц ќе ја формираат новата влада во Германија.

„Со идниот канцелар Мерц се познаваме и од рамките на Европската народна партија (ЕНП) и сега се видовме на маргините на Минхенската безбедносна конференција. Ценам дека и досега добрите партнерски билатерални односи во иднина ќе бидат уште поголеми. Ќе ве потсетам голем дел од големците на ЦДУ од најтесниот периметар на идниот канцелар Мерц доаѓаа беа тука кај нас, како што е господинот Баер, кои се наши лични пријатели и очекувам да имаме исклучително добри билатерални односи со Германија и со Владата предводена од канцеларот Мерц“, рече Мицкоски.
Премиерот додаде дека не очекува промена на односите со Берлин поради македонското коспонзорирање на предлог-резолуцијата на САД за Украина.
„Трансатлантското партнерство не е само наш приоритет, туку приоритет и на Германија и на САД и тука никој не треба да има никаква дилема. Мислам дека ова партнерство е гарант за мир секаде во светот, нешто што и на сите нас ни е потребно, вклучително и во Украина и во сите држави во светот генерално. Во тоа трансатлантско партнерство најсилни алки се САД и Германија. Така што, тука не треба никој да има дилема“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција во Владата, премиерот потврди дека земјава е коспонзор на американската, а не на предлог-резолуцијата за Украина поднесена од Европската Унија до Генералното собрание на Обединетите нации (ОН). Не даде конкретно образложение за ваквиот потег.