Средбата на 3 мај во Брисел е прва меѓу Курти и Вучиќ, по договорот во Охрид на 18 март за анекс на имплементацијата на основниот договор меѓу Косово и Србија
Претседателот на Србија, Алекандар Вучиќ, и косовскиот премиер Албин Курти се очекува на 3 мај во Брисел да ја потпишат декларацијата за исчезнатите лица за време на последната војна на Косово.
Средбата Вучиќ – Курти доаѓа по согласувањето на двајцата главни преговарачи на дијалогот, Бислими и Петковиќ, за текстот на изјавата за исчезнатите лица.
Во Брисел, Вучиќ и Курти ќе разговарат и за механизмот за самоуправување на српската заедница.
Претстојната средба во Брисел е прва меѓу Курти и Вучиќ, по договорот во Охрид каде што на 18 март, со посредство на високиот претставник на Европската Унија за надворешни работи и безбедност, Жозеп Борел, по повеќе од 12 часа преговори постигнаа согласност за Анексот за имплементација на Договорот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово.