Од Министерството за правда порачуваат дека мора да се добие одговор зошто во континуитет се дозволува пресудите од првостепениот суд да паѓаат пред повисоките судови, односно зошто не се утврдуваат сите спорни околности поради кои Апелација ги укинува одлуките на понискиот суд
Откако Апелацискиот суд Скопје ја укина пресудата со затворски казни во случајот „Организаторите на 27 април“ што ја донесе Основниот кривичен суд, Министерството за правда повикува Судскиот совет да реагира и да провери зошто судиите од првостепениот суд прават пропусти поради кои паѓаат пресудите на повисокиот суд.
„Очигледно е дека намерните или ненамерните пропусти за суштествени повреди и натаму остануваат дозволива пракса за некои судии. Затоа, неопходно е веднаш да се добие соодветен одговор, зошто ова се дозволува во континуитет, односно зошто во првостепената пресуда не биле утврдени сите спорни околности, ниту битни факти поврзани со кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Го повикуваме со најдобра намера Судскиот совет веднаш да реагира и да преземе мерки за утврдување на околностите врз основа на кои е донесена пресудата, да се поведе постапка вклучувајќи ја и дисциплинска ако се утврди дека некои свесно или несвесно со своите постапки дозволиле довербата во правосудниот систем да падне на најниско ниво.“,
гласи реакцијата од Министерството за правда.
Во случајот „Организаторите на 27 април“, за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, на затворски казни беа осудени четворица поранешни функционери од ВМРО-ДПМНЕ: експретседателот на Собранието, Трајко Вељаноски (6 години и 6 месеци затвор), поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески (по 6 години и 3 месеци затвор) и ексдиректорот на УБК, Владимир Атанасовски (6 години затвор).
Пресудата во јули 2021 година ја донесе судечки совет од Основниот кривичен суд Скопје, со кој претседаваше судијата Илија Трпков. Потоа следуваа жалби до Апелација која денеска објави дека ја укинала пресудата и го вратила предметот на повторно судење.
Како причина второстепениот суд наведе дека имало суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка од членот 415 став 1 точка 11, како и од ставот 3 во истиот член од ЗКП.
Точката 11 од ставот 1 во членот 415 значи дека пресудата била нејасна и противречна на самата себе или дека во неа не се наведени причините за решавачките факти или докази изведени на главната расправа.
„Ова, од причина што првостепениот суд врз основа на расположливиот доказен материјал во недоволна мера ги расправал сите спорни околности и не ги утврдил со сигурност сите решителни факти што го чинат обележјето на кривичното дело и го определуваат неговото дејствие на извршување, при утврдување на фактичката состојба не утврдил со сигурност во што се состојат дејствијата на секој од обвинетите преземени во насока на остварување на битието на кривичното дело за кое се обвинети, ако се има предвид дејствието на извршување на предметното кривично дело, за кое правната теорија и судската пракса се едногласни дека покрај умислата во субјективното битие како субјективен елемент на противправноста влегува и намерата за загрозување на уставниот поредок или безбедноста на РМ“,
објасни Апелација.
Повредата на ставот 3 од истиот член, пак, значи дека второстепениот суд смета оти се повредени правата на одбраната, што можело да влијае на законито и правилно донесување на пресудата.
Во објаснување за укинување на пресудата, од Апелацискиот суд наведоа и дека според судечкиот совет, Кривичен ги занемарил приговорите на обвинетите кога барале амнестија според Законот кој беше донесен во Собранието.
„Првостепениот суд не ги утврдил правилно и со сигурност сите решителни факти по однос на преземените процесни дејствија кои го исклучуваат кривичното гонење во смисла на член 416 став 1 точка 3 в.в со член 113 од Кривичниот законик. Ова, од причини што при постапувањето и одлучувањето во предметот, првостепениот суд ги занемарил истакнатите приговори, како во формална, така и во материјална смисла по однос на примената на Законот за амнестија (‘Сл. весник на РМ’ бр. 233/2018), кој во член 1 став 1 и 2 ги пропишува условите кои се однесуваат на лицата поврзани со настаните од 27 април 2017 година, за ослободување од кривично гонење, за запирање на поведените постапки и ослободување од издржување на казната затвор“,
рекоа од Апелација.