Никогаш нема да имаме доволно пари во културата. Доколку и цел буџет на Министерството за култура го искористевме само за финансирање на овие проекти, повторно ќе ни беше малку. Сето тоа го разбирам, но оваа година го имавме тој буџет и сметам дека Комисијата постапи најсоодветно со буџетот што го имаше за да ги распредели средства онака како што тие сметаа дека треба, вели ресорната министерка

По реакциите што деновиве се шират во јавноста и на социјалните медиуми по минатонеделното објавување на резултатите од Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес од културата за 2023 година, денеска министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска на средба со новинарите го кажа своето мислење.
„Ги повикувам сите што сметаат дека на кој било начин биле обесправени, откако ќе ги добијат решенијата и имаат забелешки во однос на одобрени проекти и сума, да поднесат жалба. Комисијата сето тоа добро ќе го разгледа и ќе одлучи во однос на нивните жалби“,
рече Костадиновска-Стојчевска апелирајќи до сите да го искористат овој правен механизам.
Откако Скопскиот џез-фестивал утринава најави дека „ОФФест“ годинава нема да се одржи затоа што за 22. издание на еден од најпосетуваните и најквалитетни настани во земјава добиле еден милион и дваесет илјади денари, средства кои не овозможуваат ни најминимални финансиски услови за одржување на настанот, министерката рече дека се надева дека организаторот ќе се премисли и ќе ја искористи жалбата како правен механизам да реагира.
„Одлука на самиот организатор е дали тие средства ќе ги врати или не. Има правен механизам од 15 дена да поднесе жалба. Лани имавме долг период на ребаланс на буџетот, два и пол месеци беше во Собрание. Не е точно дека требало да дојде ноември за да легнат средствата. Направив едно мало истражување – и во 2019 г. ‘ОФФест’ добиле еден милион денари, поднеле жалба и добиле уште еден милион денари. Вкупно два милиона денари. Секој има право да го користи правото на жалба, онаму каде некој смета дека сумата од икс причини не е таа што треба да ја добијат и треба да добијат повеќе и тоа право почнува да тече 15 дена откако ќе го добијат решението. Ова не е прв случај кога не им биле одобрени сите побарани средства“,
рече Костадиновска-Стојчевска.
Во однос на реакцијата дека Цветанка Ласкова, како нејзина сопартијка, има добиено средства за одржување концерт како заокружување на нејзината 50-годишна кариера, Костадиновска-Стојчевска рече дека партиска припадност никогаш не била и нема да биде критериум на овој конкурс за финансирање проекти од јавен и национален интерес.
„Никогаш повеќе ова министерство нема да одлучува по партиски клуч, онака како што беше до пред неколку години. Мојот став е дека секој квалитетен проект, за кој комисијата ќе одлучи дека е квалитетен, треба да се поддржи и никогаш да не се гледа на индивидуалност, на партиска припадност, како што сум сигурна дека комисијата ниту за овој повик не го правеше“,
додаде таа.
По објавувањето на резултатите, реагираше Петар Андоновски, добитник на Европската награда за литература и наградата „Роман на годината“, кој рече дека е збунувачки што новиот роман со кој конкурирал е одбиен, додека превод на неговиот роман „Страв од варвари“ на албански јазик е поддржан. Тој додаде дека наместо писателите да се занимаваат со пишување се занимаваат со суетна министерка, нагласувајќи дека и многу посуетни министри пред Костадиновска-Стојчевска се обидувале да ги замолчат, но не успевале.
За оваа реакција на Андоновски, како и за онаа на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) во однос на нефинансирањето на некои автори и нивните најнови дела, министерката рече дека писатели како Петар Андоновски, Гордана Михаиолова Бошњаковска и Блаже Миневски досега добивале и ќе добиваат поддршка од Министерството на конкурсите за литература и издавачката дејност.
„Комисијата оваа година одлучила дека ќе поддржи еден проект, а нема да поддржи друг и не станува збор за лична одмазда“,
рече министерката за култура.
Според неа, од она што е поддржано во програмата, станува збор за повеќејазични проекти, проекти од странски автори во превод на македонски јазик или на некој од јазиците од другите етнички заедници во земјава, како и разни други преводи или препеви.
Годинашниов буџет за Министерството за култура, како што рече ресорната министерка, е намален, во однос на претходниот, така што и средствата наменети за финансирање на проектите од национален интерес, кој е 20 отсто, по одделни области и активности од културата се помали од ланските.
„Никогаш нема да имаме доволно пари во културата. Доколку и цел буџет на Министерство за култура го искористиме само за финансирање на овие проекти и тоа повторно ќе ни биде малку. Јас сето тоа го разбирам, но оваа година го имавме тој буџет и сметам дека Комисијата постапи најсоодветно со дозволениот буџет што го имаше за да ги распредели средствата онака како што тие сметаа дека треба да ги поддржат тие проекти што ги поддржаа“,
рече Костадиновска-Стојчевска.