Расправата во Комисијата почна минатата недела, кога извештајот го презентираше главниот државен ревизор, Максим Ацевски, кој посочи дека се констатирани низа пропусти што се однесуваат на работењето на здравствената установа, кои директно влијаат и на услугите што ги дава на пациентите
Одговорните лица во Клиниката за онкологија треба да ги спроведат сите препораки дадени во конечниот извештај на овластениот државен ревизор за извршена ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност за 2021 година. Ова е првиот од неколкуте заклучоци кои беа донесени на собраниската Комисија за финансирање и буџет по неколкудневната расправа во врска со финансиските извештаи и ревизија на усогласеност за 2021 година во Клиниката за онкологија, денеска беа усвоени повеќе заклучоци.
Одговорните лица за раководење и управување со Клиниката, Собранието ги повикува да преземат мерки за донесување медицински протоколи за приклучување на пациенти на биолошка терапија и да обезбедат нивна имплементација. Притоа, приклучувањата на биолошката терапија да се врши исклучиво врз основа на мислење на стручен колегиум кој има обврска да ги утврди реалните потреби и да му ги предложи на директорот на Клиниката.
„Директорот на Клиниката, пак, во соработка со Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување имаат обврска да ги обезбедат потребните финансиски средства за набавка на истите. Во координација со МЗ и ФЗО да се обезбеди условниот надоместок, да ги одразува реалните потреби на пациентите и Клиниката, а при набавка на потребната терапија да се почитуваат основните одредби на член 4 и 5 од Законот за јавни набавки“,
заклучи Комисијата за финансирање и буџет.
Собранието ги повика одговорните лица во Клиниката да спроведат попис на сите средства и обврски на установата согласно правилникот за сметководство на буџетите и буџетските корисници и да донесат процедури за начинот на прием, издавање, потрошок и евидентирање на залихата на лекови и медицински потрошен материјал.
„Имајќи предвид дека Државниот завод за ревизија констатира дека Клиниката има преземено обврски над одобрениот буџет кои предизвикуваат судски постапки, плаќање на дополнителни трошоци, камати и административни такси и друго, Собранието укажува на МЗ и Фондот за здравствено осигурување, при одобрување на потребните средства, тие да ги одразуваат реалните потреби на Клиниката и пациентите, а одговорното лице на Клиниката да пристапи кон подготовка на план за подмирување за останатите обврски и преземањето на понатамошните обврски да биде во рамки на одобрениот буџет без притоа да се наруши квалитетот на услугите кои се даваат на пациентите“,
гласи еден од заклучоците на Комисијата.
Согласно констатацијата на ДЗР оти во 2016 година Министерството за здравство во име и за сметка на Клиниката набавило линеарен акцелератор со цел подобрување на медицинските услуги, Собранието ги повика одговорните лица во Клиниката, во соработка со ФЗО и Министерството, а во консултации со овластениот сервисер, да направат анализа на можните решенија со цел ставање на акцелераторот во употреба, или набавка на нови акцелератори со цел долгорочно функционирање на одделот за радиотерапија.
Според заклучокот на Комисијата, во 2023 година од страна на одговорните лица во Клиниката за онкологија доставен е допис до Министерството за здравство и до Владата во кој информираат за проблеми со кои се соочува Клиниката, како што се зголемена фреквенција на пациенти и постојан надоместок на лекови, особено лекови за биолошка терапија за кои се одобрува условен буџет од причина што во онколошките одделенија на клиничките болници во Битола, Штип, Градска болница „8. Септември“ има недостаток на стручен кадар и опрема.
„Со цел да се овозможи Клиниката да врши навремени и квалитетни услуги, Собранието бара Владата во рамки на своите надлежности да преземе активности за создавање на услови за рационално и ефикасно користење на опремата на јавните здравствени установи каде што се создадени услови за давање на здравствени услуги во областа на радиотерапија и онкологија со што би се дисперзирале здравствените услуги од оваа област“,
се вели во заклучоците од Комисијата за финансирање и буџет.
Собранието ги повика одговорните лица на Клиниката за онкологија да постапат по препораките и до парламентот да состават извештај за спроведување на препораките од конечниот извештај на овластениот државен ревизор за извршената ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност за 2021 година.
На Државниот завод за ревизија, пак, Собранието му препорачува да спроведе ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност за 2023 година на Клиниката за онкологија со ревизија на преземените мерки по дадени препораки и ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност за 2023 година на Министерството за здравство.
Од Комисијата посочија дека имајќи предвид оти ДЗР има констатирано состојби кои се однесуваат на набавка на реагенси за медицинска опрема, апарати со затворени системи и состојби кои се однесуваат на сервисирање и одржување на медицински апарати од правни субјекти кои имаат монополска позиција, пратениците ќе преземат активности за измена и дополнување на Законот за јавни набавки со цел доуредување на одредбите.
„ДЗР во конечниот ревизорски извештај констатирал дека Владата на предлог на МЗ подготвува соодветни програми за здравствена заштита на населението притоа не обезбедувајќи доволно средства за реализација на утврдените активности. Собранието укажува дека е потребно МЗ во соработка со Министерството за финансии да ги обезбеди потребните средства за реализација на утврдените активности и изврши подмирување на останатите обврски спрема јавните здравствени установи, односно спрема ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија Скопје“,
велат од Комисијата.
Собранието му препорачува на Министерството за здравство да ги задолжи јавните здравствени установи да обезбедат информација за опрема која е набавена, но не е ставена во употреба со објаснување кои се причините за тоа и во координација со надлежните органи да преземе мерки и да создаде услови да се стави во употреба.
На крајот, Комисијата одлучи овие заклучоци, заедно со Извештајот на Комисијата да се достават до Државниот завод за ревизија, до Јавното обвинителство, Владата, Министерството за здравство и ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија Скопје.
Расправата во Комисијата почна минатата недела, кога извештајот го презентираше главниот државен ревизор, Максим Ацевски, кој посочи дека се констатирани низа пропусти што се однесуваат на работењето на здравствената установа, кои директно влијаат и на услугите што ги дава на пациентите.
За утре е закажана седница на Анкетната комисија што ја формира Собранието со цел да се утврди евентуална политичка одговорност за случајот.