Од Судскиот совет оценија дека средбата со претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, треба да се оствари без одлагање зашто, како што велат, не постои посензитивно прашање од она за евентуални политички притисоци врз работата на судиите, вклучително и на судиите во највисокиот суд во земјата
Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, е поканета на работна средба во Судскиот совет в понеделник.
За ова денеска информираа од Судскиот совет велејќи дека средбата со Адеми е иницирана по последните наводи во медиумите за политички притисоци врз судиите во Врховниот суд и реакциите на политичките партии, за што оценија дека е исклучително важно и сензитивно прашање.

„Од овие причини, претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев, утрово оствари телефонски разговор со претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми заради остварување работна средба со членовите на Советот“
се вели во писменото соопштение на Судскиот совет.
До претседателката на Врховен е испратена и писмена покана за средбата. Во неа, меѓу другото, пишува:
„Согласно член 11 од Законот за судовите, судијата одлучува непристрасно со примена на Закон врз основа на слободна оценка на доказите и се забранува секој облик на влијание врз независноста, непристрасноста и самостојноста на судија на вршењето на судиската функција по која била основа и од кој било субјект.“

Согласно ваквите законски одредби, од Судскиот совет оценија дека средбата со претседателката на Врховниот суд треба да се оствари без одлагање зашто, како што велат, не постои посензитивно прашање од она за евентуални политички притисоци врз работата на судиите, вклучително и на судиите во највисокиот суд во земјата.
На 25 октомври годинава, судиите од Врховниот суд остварија средба со американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер. Во соопштението кое тогаш го испратија до медиумите информираа дека на средбата било истакнато оти независноста на судството е најсилната гаранција за владеењето на правото и дека во носењето на судските одлуки не смее да се дозволи мешање на другите власти.
Неколку дена потоа, дел од медиумите објавија оти „средбата била по барање на судии кои биле под жесток притисок од владата и барале заштита од политички реваншизам“.
Прашана за коментар на ваквите медиумски наводи, амбасадорката на САД во изјава за ТВ Сител кажа дека судиите во кој било суд и во која било земја мора да носат одлуки врз основа на законот и без мешање, а оти мешањето на приватни лица или јавни функционери во судските процеси не смее да се толерира од оние во судството, од владата или од народот на оваа земја.