Она што можеше да се забележи е дека во дел од маркетите имаше по еден или двајца купувачи, во некои немаше никој, а во трет маркет, кој се наоѓа во близина на основно училиште, имаше раздвиженост, но речиси сите беа ученици што купуваа појадок
Бојкот на маркетите поради високите цени на производите се најавуваше изминатите денови. За тоа дали има или нема бојкот, екипа на „360 степени“ утринава направи обиколка на неколку маркети.
Она што можеше да се забележи е дека во дел од маркетите имаше по еден или двајца купувачи, во некои немаше никој, а во трет маркет, кој се наоѓа во близина на основно училиште, имаше раздвиженост, но речиси сите беа ученици што купуваа појадок.
Иста ситуација забележавме и во друг маркет што се наоѓа во близина на неколку компании. И таму повеќето потрошувачи купуваа само појадок.
Другите купувачи, кои претежно беа повозрасни, имаа купено само по еден или два производи. На наше прашање дали знаат за најавениот бојкот, ни одговорија:
„Тоа што ни треба основно, мора да го купиме“.
Во разговор со вработените во маркетите и на наше прашање дали секој ден е ваква ситуацијата или, пак, денеска има помалку купувачи, одговорот што го добивме беше дека не можат со сигурност да кажат дали е поради најавениот бојкот или не.
„Имало и други денови вака, околу 9 часот наутро, да нема никој да пазари, а подоцна да има дури и метеж. Не знам дали денеска е поради бојкот или така се погодило“,
ни рече една од вработените во маркет во населбата Ново Лисиче.
Сличен одговор добивме и од вработена во синџир маркети во населбата Тафталиџе. Иако на влезот од маркетот затекнавме исполнет паркинг, сепак, внатре имаше едвај педесетина купувачи.
„Речиси и да нема разлика со претходните денови. Ако вчера можеби во овој период имаше 50 муштерии, денеска има 30-40“,
беше одговорот на вработената.
Повиците за бојкот на маркетите што изминатата недела се ширеа на социјалните мрежи дојдоа откако се појавија вести за слични граѓански акции во регионот – во Хрватска, Босна и Херцеговина и во други држави.
Најавата за бојкот наиде на оправдување кај целата јавност, а поддршка доби од политичките партии и од власта и од опозицијата.
„360 степени“ вчера направи споредба на цените на дел од производите по кои се продавале во 2022 година и сега.
Кај некои од производите што ги споредивме забележлива е мала разлика во цената, но кај одредени поскапувањето е и за повеќе од 50 отсто.
Цените на производите изминатите месеци постојано се движат во нагорна линија, а поради тоа беа воведувани таканаречени празнични кошнички. Но, она што беше забележливо и за што имаше реакции во јавноста беше наглото зголемување на цените пред да бидат воведени кошничките. Поради тоа, инспекциските служби вршеа контроли на маркетите.