Владите на двете земји одржаа итни состаноци поради прекинот на електричната енергија, чии размери се невидени во Европа
Струјата полека почна да се враќа во делови од Иберискиот Полуостров по масовниот прекин што ги парализираше Шпанија и Португалија.

Министерот за внатрешни работи на Шпанија прогласи вонредна состојба и распореди 30 000 полицајци низ целата земја за одржување на јавниот ред.
Владите на двете земји одржаа итни состаноци поради прекинот на електричната енергија, чии размери се невидени во Европа.
Причината сè уште е непозната, а Португалија сугерираше дека проблемот потекнува од Шпанија, која пак го вперува прстот кон прекинот на интерконекцијата со Франција.
Португалскиот премиер Луис Монтенегро изјави дека нема индикации дека кибернапад го предизвикал инцидентот, кој започнал во 10:30 часот наутро.
Сепак, се појавија гласини за саботажа, а шпанскиот премиер Педро Санчез изјави дека разговарал со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Различни теории за причината за инцидентот
Санчез рече дека за само пет секунди, земјата изгубила 15 GW електрична енергија, или 60 проценти од националната потрошувачка.
„Техничарите се обидуваат да утврдат што предизвикало толку ненадеен пад. Вакво нешто никогаш порано не се случило“,
рече Санчез.
Жоао Консеисао, член на одборот на португалската компанија за електрична енергија РЕН, изјави дека не ја исклучува можноста за „огромно флуктуирање на електричниот напон, прво во шпанскиот систем, а потоа ширење во португалскиот систем“.
„Може да има илјада и една причина, прерано е да се каже која е“,
рече тој.
Шпанската компанија за електрична енергија РЕЕ верува дека проблемот потекнува од интерконекцијата со Франција.
„Европските системи не можат да се справат со губење на електрична енергија од ваков обем што предизвика прекин на врската помеѓу шпанската и француската мрежа и, следствено, колапс на шпанскиот електроенергетски систем“,
изјави директорот на компанијата, Едуардо Прието.
Снабдувањето со електрична енергија постепено се враќа
Претходно, делови од Франција накратко беа без електрична енергија. РТЕ, францускиот оператор, соопшти дека испратил електрична енергија во северните делови од северна Шпанија по инцидентот.
Снабдувањето со електрична енергија беше вратено во Баскија и областа околу Барселона во раните попладневни часови, а во делови од Мадрид во вечерните часови, додека 61 процент од мрежата се врати во нормала, соопшти националниот оператор.