Поранешната министерка за правда Рената Дескоска утринава детално образложи дека Законот предвидува националност во матичните книги, а не и во изводите

Министерот за правда Кренар Лога последователно објавува статуси на Фејсбук, откако утрово доби критики од ексминистерката Рената Дескоска за новото Упатството за матични книги со кое се воведе и графа за националност во изводите од матична евиденција.
Прво, Лога објави извод од матичната книга на родените на македонски јазик, каде во делот со податоци за родителите стои графа за националност и пишува Македонец и Македонка.
Потоа, сподели речник на македонскиот јазик од професорот Зозе Мургоски и страницата на која е објаснет зборот националност.
Следуваа уште две објави со толковни речници на македонскиот јазик.


Министерството за правда е на став дека Упатството е во согласност со Законот за матична евиденција. Оттаму денеска преку официјално соопштение се повикуваат на членовите 4, 11 и 13 од Законот, но тие се однесуваат на тоа што треба да биде запишано во матичните книги на родените, венчаните и на умрените, а не и во изводите.
Поранешната министерка за правда Рената Дескоска утринава детално образложи дека Законот предвидува националност во матичните книги, но не и во изводот.
„…Првото упатство за примена на законот е донесено во 2010 година и со него е предвидено во матичната книга да се води графа за националност, но во образецот за извод од матичната книга не е предвидена оваа графа. Со тоа законот е испочитуван, без да се споделуваат сензитивни податоци пред поширок круг на луѓе, каде ќе се користи изводот. Изгледа дека во 2010, тогашниот министер имал повеќе сенс за меѓународните трендови на заштита на човековите права, од денес во 2023 година. Значи со упатството од 2010 кое е изменето и дополнето во 2015 година, беше предвидено решение, законската одредба да се примени на матичната книга, а со оглед на тоа што законот не предвидува што содржи изводот, во изводот кој е во поширока употреба, да не се споделуваат сензитивни податоци, како што е етничката припадност…“,
кажа Дескоска и ја оцени како добра веста дека Уставниот суд ќе расправа за Упатството.
Упатството што го донесе министерот Лога на 29 мај 2023 година се најде во фокусот на јавноста поради ставањето на графата „националност“ во подзаконскиот акт.
Уставниот суд, на крајот на јуни, одлучи да отвори предмет по сопствена иницијатива. Претседателката Добрила Кацарска, одговарајќи на новинарско прашање на брифинг со новинари, рече дека според неа Упатството се коси со Уставот.