Министерот за надворешни работи гледа споделена одговорност – дома и во ЕУ, во однос на тоа што земјава долго стоеше во место во пристапниот процес. Тој е уверен дека вкупниот напредок на Северна Македонија не е загрозен, иако за 2023 г. земјава го доби најкритичниот извештај од Европската комисија по оној од 2015 г. кој ја содржеше квалификацијата – заробена држава
Вкупниот напредок на Северна Македонија не е загрозен, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи, по критичниот извештај на Европската комисија за Северна Македонија во кој, меѓу другото, е нотирано дека нема напредок во судството и во борбата против корупцијата, како и дека во државата има длабока политичка поларизација. Османи смета дека Владата била (само)критична и оти е јасна констатацијата дека во одредени области има лимитиран прогрес или нема прогес. Но, повторува – вкупната подготвеност на државата не е загрозена.
„Прво, во вкупниот напредок не се загрозуваме, ние сме меѓу првите во регионот. Второ, во ниту едно поглавје немаме назадување. Трето, ова е извештај за годината, за овие 365 дена, којашто беше кризна година, година во којашто имавме најтешка поларизација во општеството, парламентот беше блокиран, лидерот на опозицијата секоја недела најавуваше друг термин за избори. Знаете што значи тоа во психолошката матрица на администрацијата, на луѓето, кога вие излегувате и кажувате во октомври имаме избори, во ноември имаме избори, во јануари имаме избори… Потоа, прашањето со уставните измени, односно со Бугарија, монструозната злоупотреба на емоциите на граѓаните во однос на важни национални прашања од страна на опозицијата, тоа е во делот на вината на опозицијата. Владата – каде јас кажувам дека има вина, во тоа што не успеа да се дигне над оваа кризна ситуација којашто ја наметна опозицијата и едноставно да си продолжи да работи“,
кажа Османи во интервју за емисијата „360 степени“, која се емитува на МРТ 1.
На новинарска констатација дека Извештајот ја сведува владината проевропска ориентција на реторика, Османи врати – не е така.
„Османи: Прво, во 80 отсто од секторите во Извештајот – има напредок. Значи, од можеби 100 сектори, во 5, 6, 7 вели нема напредок. Притоа, без поглавја, тоа е плафонот. Доколку немаме ние отворање на поглавја, ќе удираме во овој плафон постојано и полека ќе почне плафонот да се спушта.
360°: Но, така не мисли, да речеме, амбасадорот на Холандија. Тој цело време вели – вие велите нас не чекате, а јас ви велам – ние вас ве чекаме, 15 години не го правите тоа што треба да го правите, освен што трупате изговори. Ги сакаме вашите пари, не ги сакаме вашите вредности…
Османи: Не, видете, делумно не се согласувам со амбасадорот, не е ситуацијата црно-бела, ситуацијата е некаде сива. 2019 г. не по наша вина бевме блокирани да немаме одлука за преговори, ни по еден основ немаше наша вина, па и понатаму или пак претходно. Вината ни е заедничка, и на Европската Унија, системот е таков – едногласен, земјите членки го злоупотребуваат правото на глас и го блокираат процесот, како што сега се случува во односот Албанија – Грција“.
Европската комисија во Извештајот за Северна Македонија за 2023 година нотира злоупотреба на европското знаменце при носење закони, ги критикува измените во Кривичниот законик, а вели дека имало и политички влијанија врз Судскиот совет. Овој, според повеќе експерти во областа, е втор најкритичен извештај за земјава, по оној од 2015 г., во кој се констатира – заробена држава.
„Османи: Тој во 2015 г. има уназадување и имаше заробена држава. Тука имаме период од една година каде што немало прогрес. Повторно ќе кажам, не е црно-бела ситуацијата и во Судскиот совет не можете да ја обвините Владата за одредени динамики или во судството во целина.
360°: Извештајот зборува за надворешни влијанија во Судскиот совет…
Османи: Пак ќе кажам, тоа е покомплексно прашање, отколку како што се обидува да се прикаже како црно-бела ситуација. Има многу динамики внатре во судството коишто бараат адресирање. Но, без отворени поглавја – толку ни е просторот. Тој плафон во кој удираме, ќе почне да се спушта.
360°: Не е точно, тоа. Кој ве тераше да ги носите, на пример, измените во Кривичниот законик. Еве, ги објаснувавте како усогласување со единственото европско право. Каде е тој наратив да ви го признае Европската комисија во Извештајот?
Османи: За Кривичниот законик јас дури мислам дека претходното решение беше причина за неуспешната борба против корупцијата на високо ниво и за недовербата на граѓаните во судството. Токму тоа решение во коешто имаше неограничена можност судиите да ги развлечат предметите дваесет години и како е она – ‘бригата да премине на другиот’, се одложуваа, се држеа во фиока. Што не беше доволно 10 години за да се решат одредени прашања, па сега велиме застареа некои дела“.