По контролите што ги спроведувал Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) во текот на продолжениот празничен викенд, ќе следуваат 27 кривични пријави за угостителски објекти кои не постапувале согласно протоколите за ковид, соопштија од кабинетот на вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски.
Во текот на изминатите три дена (10, 11 и 12 октомври), ДПИ извршил 1 366 контроли и 104 надзори. Во саботата биле забележани најмногу неправилности и за тогаш ќе следуваат 12 кривични и четири прекршочни пријави за локали кои ги прекршиле здравствените протоколи или законите кои се однесуваат на нивната дејност.
Во неделата и понеделникот, пак, имало намалување на неправилностите и билансот од контролите во овие два дена е 15 кривични и четири прекршочни.
Кривичните се за непочитување на здравствените протоколи, додека прекршочните се однесуваат на непочитување на работното време, забраната за пушење, нерегистрирани објекти и непочитување на забраната за работа.