Од Владата апелираат секој случај на каков било притисок или напад врз новинарите или медиумите да биде пријавен во полиција како најбрз начин да се сузбијат ваквите појави
Најважен индикатор што е содржан во овој извештај е што од 2017 до денес има позитивен тренд, што не беше случај со минатата влада и треба да е показател дека состојбата со медиумите се подобрува, велат од Владата коментирајќи го најновиот извештај на „Репортери без граници“ за состојбата со медиумите во земјава.
Во врска со случаите што се посочуваат во извештајот за притисоци врз новинари и медиуми, портпаролот Душко Арсовски на денешната прес-конференција рече дека Владата ги зема сериозно предвид и ќе се насочи кон тоа натаму да нема вакви појави.
„Владата досега реагираше во неколку случаи, кога претставници на институциите на извршната власт имаа непримерна комуникација со новинарите и за нивните постапки беа преземени одредени мерки – дел од нив беа отповикани од вршењето на функциите, за мал дел од случаите беше побарана постапка од МВР, како во случајот со заканувачот кон две новинарки, што институциите експресно го расчистија“,
рече Арсовски.
Од Владата апелираат секој случај да биде пријавен во полиција како најбрз начин да се сузбијат ваквите појави.
Во вчера објавениот извештај за состојбата со медиумите во светот нашата, земја од 92. се искачи на 90. место во глобалниот индекс, но описот на состојбата е критичен за 2020 година, а земјата е полошо пласирана од Босна и Херцеговина, Албанија и Косово, но подобро од Србија, Црна Гора и Бугарија. Како поради пандемијата така и поради парламентарните избори.
„Ситуацијата со медиумите се влоши, високи владини претставници продолжија да им се закануваат и да навредуваат медиуми, а сајбер-вознемирувањето и вербалните напади кон новинарите се зголемија на социјалните медиуми. Сето ова послужи да се засили добро вкоренетата култура на неказнивост“,
пишува „Репортери без граници“ за состојбата со слободата на медиумите во С Македонија во 2020.
Организацијата забележува и дека пандемијата, како на многу други места во светот, ја усложни работата на новинарите на терен.
Според невладината организација, промените во Кривичниот законик кои ги подготвува Министерството за правда би требало да донесат поголема заштита за новинарите во државата.