И покрај тоа што норвешката влада претходно изјави дека нема информации за некакви конкретни закани по нафтената и гасна инфраструктура, сепак смета дека е разумно да ги засили безбедносните мерки
Норвешката војска денеска соопшти дека испратила војници да помогнат во чувањето на големите копнени постројки за преработка на нафта и гас, што е дел од поширокиот опсег мерки за зајакнување на безбедноста поради сомнежите дека истекувањето на гас од гасоводите Северен тек 1 и 2 минатата недела е предизвикано намерно, односно дека станува збор за саботажа, јавуваат агенциите, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.
Руските гасоводи Северен тек 1 и 2 беа оштетени на почетокот на минатата недела што предизвика истекување на гас во водите на Балтичко Море во близина на Данска и на Шведска. Сеизмолозите пред да биде откриено истекување, регистрирале експлозии во тие подрачја, а неколку земји почна истраги околу случајот.
Норвешка која е најголем европски снабдувач со гас и голем извозник на нафта, минатата недела ја распореди својата морнарица и воздухопловните сили да патролираат над нафтените платформи на море и најави дека ќе добие помош од Британија, Германија и Франција.
На барање норвешката полиција, денеска почнало распоредувањето на воени сили во погоните за преработка на нафта и гас.
И покрај тоа што норвешката влада претходно изјави дека нема информации за некакви конкретни закани по нафтената и гасна инфраструктура, сепак смета дека е разумно да ги засили безбедносните мерки и дека настојува да ја смири загриженоста меѓу работниците.
Портпаролот на норвешките вооружени сили од безбедносни причини одбил да каже колку војници се распоредени во постројките.
Агенциите пренесуваат дека стабилен притисок е постигнат и во оштетениот гасовод „Северен тек 1“, што укажува дека и последното истекување гас од гасоводот е запрено.
Данската агенција за енергетика во саботата соопшти дека гас повеќе не истекува од „Северен тек 2“.
Минатата недела беа откриени вкупно четири истекувања цевководите од Северен тек 1 и 2 во Балтичкото Море во близина на Данска и Шведска.
Иако ниту еден од гасоводите не беше во употреба за време на сомнителните експлозии, тие беа наполнети со гас, кој на 26 септември почна да исфрла меури на површината на Балтичкото Море, што веднаш укажа дека има истекување на гас.
Високи претставници на Европската Унија соопштија дека штетата предизвикана на двата гасовода што доведе од истекување на гас во Балтичкото Море е намерно направена, односно дека станува збор за саботажа.