Работиме интензивно со пратеници од власта за рушење на оваа Влада, вели опозиционерот Александар Николоски
Пратеникот и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски тврди дека неговата партија преговара со пратеници од владејачките партии за „прекројување“ на собраниското мнозинство, односно за „рушење“ на Владата на СДСМ и на ДУИ.
„Тројца пратеници не делат од мнозинство за соборување на владата. Не мислам дека е невозможно тоа да се случи, да почекаме“,
рече Николоски.
Иако вчера пратениците на опозициската коалиција Алијанса/ Алтернатива дадоа поддршка за Законот за попис, Николоски, во вечерашното гостување на Сител, ја спомна опцијата за формирање ново парламентарно мнозинство во контекст на иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за поништување на законското решение за спроведување на пописот.
Тој рече дека, ако претседателот Стево Пендаровски го потпише Законот за попис, тогаш ВМРО-ДПМНЕ веднаш ќе поднесе иницијатива до Министерството за правда да се соберат потписи, минималната бројка е 10 илјади, за поднесување предлог-закон за поништување на регулативата за пописот.
Николоски уверува дека ВМРО-ДПМНЕ може да обезбеди мнозинство во Собранието за поништување на Законот за попис.
„Мислам дека возможно е да се обезбеди мнозинство. Требаат три пратеници. Стојам на тоа што сум го кажал за соборување на оваа влада, а тоа е влада за национален спас. Тоа не помина и сега треба да се оди на нејзино соборување зошто немаат капацитет за ништо. Најдобар доказ дека им виси мнозинството е тоа што не можат да соберат кворум за да одржат седница. Еве веќе два месеци има интерпелација за Никола Димитров и не се става на дневен ред. Координаторот на СДСМ рече кога би се ставила на дневен ред СДСМ нема да учествува на расправата, што значи се плашат дека дека некој можеби би гласал Димитров да не е вицепремиер“,
рече Николоски.
Поради проблемите со кворумот, со кои се соочува ова парламентарно мнозинство, кое брои 62 члена наспроти 58 опозиционери, а на што влијае и ситуацијата со ковид-19, премиерот Зоран Заев, есента најави проширување на мнозинството со уште троца пратеници. Сепак,, тоа не се случи досега.
Кога го најави проширувањето на мнозинството, Заев, исто така, порача дека ВМРО-ДПМНЕ нема коалициски потенцијал , односно дека не постои платформа врз чија основа опозициската партија би привлекла партнери од албанскиот политички блок.