Во Кина регистрирани се првите локално пренесени случаи на коронавирус по речиси два месеца, откако во градот Чингдао почна масовно тестирање поради кластер во болница, каде се лекуваат заразени од странство.
Националната здравствена комисија соопшти дека во последните 24 часа се потврдени вкупно 13 случаи, од кои седум од странство, а шестмина се од локална трансмисија во привинцијата Шандонг, кадешто се наоѓа Чингдао.
Претходно, кинеските власти одлучија да го тестираат целото население во овој град, со што за пет дена треба да се тестираат 9 милиони жители.
Одлуката за масовно тестирање, следува откако во градот беа откриени десетина нови случаи со ковид, кои се поврзуваат со кластерот од болницата.
Веќе се тестирани околу 114 000 лица, меѓу кои се медицинскиот персонал и пациентите хоспитализирани во градските болници, и тие добиле негативни резултати.
Новите случаи се забележани по одморот во таканаречената „Златна недела“ во која Кинезите во првата недела од октомври го празнуваат создавањето на Народна Република Кина, а во која милиони жители биле на патувања.
Ова не е прво масовно тестирање на еден град во Кина. Во мај, кинеските здравствени власти иста мерка спроведоа и во Вухан каде живеат 11 милиони луѓе – градот кој беше епицентар на глобалната пандемијата.