Основачот и администраторот на групата „Јавна соба“, кои досега се наоѓаа во притвор, денеска во Кривичниот суд во Скопје беа осудени на по четири години затвор за производство и дистрибуција на детска порнографија
Кривичниот суд во Скопје денеска донесе две пресуди за случајот „Јавна соба“, со тоа што креаторите на групата, односно основачот Дарко Костовски и администраторот на телеграм-групата Михаил Паневски, во која незаконски се споделуваа фотографии и лични податоци од девојки и жени во земјава, добија затворски казни од по четири години.
Тие се гонеа кривично бидејќи дозволиле и да биде достапно видео на кое се прикажани полови дејствија со дете. Двајцата одговараа за кривично дело производство и дистрибуција на детска порнографија.
И двајцата креатори на групата досега се наоѓаа во притвор поради опасност од бегство.
Обвинителството во овој предмет поведе постапка за производство и дистрибуција на детска порнографија бидејќи во текот на предистрагата биле обезбедени материјални докази кои упатуваат токму на оваа правна квалификација. Тие, крадејќи фотографии и лични податоци, без дозвола, објавуваа и сексуално вознемируваа десетици полнолетни девојки и жени.