На началникот Лазе Велковски, кој работел на неколку од последните акции за заплена на дрога и во случајот со Рашковски, не му било овозможено да го искористи законското право за продолжување на работниот стаж во МВР за уште пет години
Mинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски експресн го пензионирал началникот на Секторот за борба против организиран криминал и корупција во МВР Лазе Велковски, кој е истражител во Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска, по наредба на шефицата на ова Обвинителство Вилма Русковска, објави СДК.
Како што се наведува, случаи од кои што се отстранува Велковски, ако се цени по соопштенијата од Обвинителството и од МВР во чии акции учествувал или ги раководел, се: истрагата против Драги Рашковски, која сега е проширена и за други дела, истражувањето на елементи за вмешаност на организирана злосторничка група за незаконските патни исправи, дојавата и бегството на наркобосовите по акцијата во Сарај и Ченто, но и бројни други предистраги за кои подолго време се зборува, а кои наводно допирале до високи раководни струкури.
Законот за внатрешни работи им дава можност на службените лица од МВР кога ќе навршат 40 години бенефициран работен стаж, да можат да го продолжат работниот однос до 45 години стаж и Министерството е должно тоа да го спроведе
Како што пишува СДК, наспроти илјадниците решенија за продолжување на работниот стаж од 40 до 45 години – со лична изјава, кои досега ги потпишале Спасовски и неговите претходници, исклучок е направен само кај Велковски, и покрај тоа што тој поднел изјава за продолжување на работниот однос.
„Досегашниот началник на Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал, Лазе Велковски, не е разрешен, туку го исполни условот за пензионирање – 40 години работен стаж, со што работниот однос му престанува согласно со Законот за внатрешни работи. На негово место, со времено решение, е поставен Ветон Кранлиевски, државен советник во Кабинетот на министерот и долгогодишен вработен во Министерството за внатрешни работи“,
се вели во одговор на МВР, без притоа да посочи зошто на Велковски не му се дава законската можност за продолжување на работниот однос до остварување на 45 години работен стаж.
Според член 174 од Законот за внатрешни работи, „работникот, со писмена изјава до Министерството за внатрешни работи, може да побара да му се продолжи договорот за вработување најмногу до навршување 45 години пензиски стаж, без оглед на неговите години на возраст“.