Швајцарија, Австрија, Ирска, Малта и Кипар – колку овие држави се подготвени да се откажат од својата децениска неутралност и да побараат членство во Алијансата
Со одлуката да аплицираат за членство во НАТО, Шведска и Финска се откажаа од својата повеќедецениска политика на воена неутралност. На патот кон членството најголема пречка е Турција, која се противи.
Доколку Реџеп Таип Ердоган попушти, влезот на овие две земји во најголемиот воен сојуз во светот е речиси извесен и тоа треба да се реализира што поскоро.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека е убеден оти приговорите на Турција за влезот на Финска и Шведска во НАТО може брзо да се надминат, веројатно на време за самитот на лидерите на Алијансата кој ќе се одржи на крајот на овој месец.
Дали тоа ќе биде поттик и другите воено неутрални земји да направат таков чекор?
Швајцарија
Швајцарија е веројатно најпознатата воено неутрална земја во Европа. Неутралноста е ставена и во уставот на оваа држава, а граѓаните пред неколку децении решија да останат и надвор од ЕУ.
Има мали шанси Швајцарија да отстапи од својата неутралност и да влезе во НАТО или во која било друга алијанса. Во прилог на тоа говори и фактот што нејзината влада побара од Германија да не испраќа швајцарска воена опрема во Украина.
Популистичката, десничарска партија, која има најголем број места во швајцарскиот парламент, се двоумеше околу дополнителните мерки против Русија. Традиционално, оваа земја не се приклучува на никакви економски санкции, а бидејќи не е членка на ЕУ, не учествува во нејзината заедничка надворешна и безбедносна политика.
Австрија
Војната во Украина предизвика дебата во Австрија за воената неутралност, но се чини дека има мали или никакви шанси земјата да ја промени својата позиција.
Педесет јавни личности испратија отворено писмо до претседателот Александар ван дер Белен за да спроведе „независна проверка“ за да се утврди дали неутралноста на земјата останува релевантна. Сепак, во австрискиот парламент нема партија која би ја поддржала таа идеја, а анкетите покажуваат дека Австријците не сакаат да бидат дел од НАТО, за разлика од Шведска и Финска, каде што поддршката на јавноста за таков чекор расте. Дури 75 отсто од австриските граѓани сакаат нивната земја да одржува неутралност.
На истото мислење е и премиерот Карл Нехамер.
„Австрија беше неутрална, Австрија е неутрална и Австрија ќе остане неутрална“,
рече тој во април за време на посетата на рускиот претседател Владимир Путин во Москва.
Како што објасни Нехамер, за Австрија „членството во НАТО не доаѓа предвид“ бидејќи „има сосема поинаква историја од Шведска и Финска“.
Австрија се одлучи на неутралност откако беше окупирана од четири победнички сили во Втората светска војна – Русија, САД, Велика Британија и Франција. Воената неутралност беше услов Австрија да ја врати независноста и сојузничките трупи да се повлечат. На крајот на октомври 1955 година беше потпишан Виенскиот државен договор со кој се гарантираше статусот на Австрија.
Ирска
Неутралноста на Ирска одамна е малку „сива зона“.

„Ние не сме политички неутрални, но ние сме воено неутрални“,
изјави премиерот Мичел Мартин претходно оваа година.
Меѓутоа, војната во Украина повторно ја отвори дебатата за тоа што значи неутралноста на Ирска.
Во март оваа година се појавија информации дека Ирска би можела да се откаже од нејзината политика на воена неутралност по речиси сто години.
Нил Ричмонд, портпарол на Христијанско-демократската партија, истакна дека јавното мислење се менува и дека Ирска може да влезе во НАТО. Тој додаде дека отфрлањето на неутралноста е „сè поверојатно по ужасните слики од страдањата на Украинците“.
Малта
Уставот на Малта вели дека малиот медитерански остров е официјално неутрален, потпирајќи се на политиката на „неврзување и одбивање да учествува во каков било воен сојуз“.

Анкетата нарачана од Министерството за надворешни работи две недели пред руската инвазија на Украина покажа дека големо мнозинство од испитаниците ја поддржуваат неутралноста – само шест отсто се против.
Кипар
Идејата за членство на Кипар во НАТО не доаѓа предвид – барем засега. Никос Анастасијадес, претседателот на етнички поделената островска држава, рече дека е „премногу рано“ дури и да се размислува за таков потег, кој сигурно ќе наиде на силно противење од Турција. Тој изјави и дека Кипар е мала земја и дека му треба заштита, но дека треба да биде ефективна и дека сите одлуки треба да бидат одобрени од народот.
Многу Кипарци, особено оние од политичката левица, го обвинуваат НАТО за де факто поделбата на островот по инвазијата на турските сили во средината на 1970-тите. Турција во тоа време беше членка на НАТО, а Алијансата не направи ништо за да го спречи тоа.
Кипар и дозволи на Британија, која е членка на НАТО, да има две воени бази на островот, но во исто време дозволи да се снабдуваат руски воени бродови во кипарските пристаништа. Таа привилегија беше суспендирана по почетокот на војната во Украина.