Денеска се отстрануваа диво поставените објекти на плажите кај Лагадин, а после празниците акцијата ќе продолжи на потегот меѓу хотелот „Метропол“ и Пештани
Владата ѝ дава поддршка на Општина Охрид за активностите за отстранување на овие дивоградби, што е во согласност со заложбите за исполнување на препораките на УНЕСКО и за имплементацијата на „Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион“.
„Ја поддржуваме Општина Охрид да продолжи со активностите за отстранување на бесправните градби сѐ додека не бидат отстранети сите објекти кои ја загрозуваат животната средина и го деградираат уникатното заштитено подрачје на регионот“,
велат од Владата во соопштенито објавено вечерва.
Ставот на Владата следи по денешната акција за отстранување на диво поставените објекти на плажите кај Лагадин, долж Езерото. Во присуство на полицијата се отстрануваа шанковите и објектите на плажите „Акапулко“ и „Плажа 10“. Според најавите, отстранувањето на бесправно изградените објекти ќе продолжи и на останатите две плажи во оваа туристичка населба.
Сопствениците ја обвинија Општината за селективност во уривањето, бидејќи плажите пред големите хотели остануваат, а нивните се рамнат со земја.
„Пред ‘Метропол‘, ‘Гранит‘ ништо не се руши единствено пред хотел ‘Лагадин‘ и пред хотел ‘Макотекс‘. Каде треба да си ги бараме ние нашите права при ваква селективност“ ,
велат дел од нив.
Но, градоначалникот Константин Георгиески вели дека активностите ќе продолжат после празниците, така што плажите на брегот на Охридското Езеро на потегот меѓу хотелот „Метропол“ и Пештани треба да бидат целосно ослободени од илегално изградени објекти и уредени до состојба каква што биле пред нивното издавање под концесии пред повеќе од 15 години.
Според него, сите правни субјекти и лица што имале плажи под концесија и изминатиот период вршеле дејност мора да ги ослободат плажите, најавувајќи крај на практиките да се узурпира јавниот простор со лежалки, самоволна наплата за паркирање возила и слични дејности.
Активностите за отстранување ќе ги опфатат физичките или правните лица кои имаат добиено решение за отстранување на бесправно изграден објект и не постапиле во согласност со издадените решенија од страна на градежните инспектори при инспекторатот на Општина Охрид.
Со цел да се намалат штетите, да се избегнат дополнителни трошоци и да се забрза процесот на отстранување, Општина Охрид упати и апел до сопствениците на бесправни градби да постапат по решенијата за отстранување и сами да ги отстранат објектите.
Владата обезбеди шест милиони денари за отстранување на бесправните објекти кои се лоцирани на крајбрежјето на Охридското езеро, а три милиони денари се дополнително обезбедени преку алокација на средства од општинскиот буџет.