Ако министерката вистински сака да помогне во делот на отстранување на објектите, треба да помогне да се обезбедат 60 милиони денари финансии кои повеќе пати ги бараме за да можеме да ги имплементираме сите препораки за рушење, вели Георгиески во реакцијата
Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески вели дека е изненаден од изјавата на министерката за култура, Ирена Стефоска, која најави дека ќе иницира до Влада да се одземат ингеренциите на општините Охрид и Струга зашто немаат волја за заштита на светското природно и културно наследство впишано во УНЕСКО.
Георгиески тврди дека за две и пол години колку што тој е градоначалник направени се повеќе активности за заштита отколку за последните 20 години. Се што досега било во рамки на можностите на општината, вели тој, е направиле и покажале храброст и решителност со тоа што веќе отстраниле дел од дивоградбите.
Тој тврди и дека нема законска можност за одземање на ингеренциите како што најави Стефоска.
„Имено, според законот, централната власт на локалната власт може условно да и ги одземе ингеренциите само за одреден предмет или за конкретен случај, а не целосно. Тоа може да го направи само во случај ако локалниот инспекторат не постапува па надлежноста ја презема државниот. Досега по сите предмети согласно нашите ингеренции сме постапувале и немало барање односно потреба за интервенција на државниот инспекторат. Второ, од денот кога е донесен планот за управување, Општина Охрид во целост го почитува и спроведува, нема ниеден случај во кој сме постапиле спротивно на планот. Трето, ако министерката вистински сака да помогне во делот на отстранување на објектите, треба да помогне да се обезбедат 60 милиони денари финансии кои повеќе пати ги бараме“,
вели Георгиески.
Овие пари, порачува тој, општината ги нема, а се потреби за да може да се имплементираат сите препораки за рушење на се она што е законски издржано и маркирано како значително штетно за езерото, статусот и животната средина.
„За крај, верувам дека министерката, исто како и сите ние, сака да го заштити регионот. Сепак, како член на владата споделува одговорност за тоа па затоа сметам дека би било далеку поконструктивно да се вклучи активно во надминување на проблемите. Верувам дека е добро заеднички да работиме за надминување на состојбите за што желба кај сите нас постои“,
вели Георгиески.
Министерката вчера, покрај одземање на ингеренциите, најави и дека на одговорност ќе бидат повикани Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј-Охрид и Управата за заштита на културното наследство.
„Очигледно дека општините Охрид и Струга немаат волја за заштита на светското природно и културно наследство впишано во УНЕСКО. Оттаму, ќе иницирам пред Владата да се разгледа можноста за одземање на ингеренциите на овие општини. Во делот на надлежностите на Министерството за култура, на одговорност ќе бидат повикани Завод за заштита на спомениците на културата и музеј-Охрид како и Управата за заштита на културното наследство“,
наведе Стефоска.
*Поврзани вести:
Стефоска: Владата да им ги одземе ингеренциите на Охрид и на Струга во делот на УНЕСКО