Неделков рече дека како синдикат ќе продолжат да се заложуваат за подобрување на правата и можностите на просветните работници и во иднина, а очекува наскоро да се постигне согласност за измени во колективниот договор со кои уште повеќе ќе се стимулира работата на оние што директно ги пренесуваат знаењата на учениците
За 15 отсто повисоки плати ќе добијат наставниците и други вработени во основните и средните училишта за овој месец. Ова е дел од спогодбата што денеска ја потпишаа министерот за образование и наука Јетон Шаќири и претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков.
Според Шаќири, зголемувањето на платите на наставниците во период од една година за зголемени во три наврати, односно кумулативно за над 35 отсто.
„Ова е само потврда дека навистина имаме намера да го вратиме дигнитетот и достоинството на наставниците кое го заслужуваат во општеството, затоа што се најважната алка во воспитно – образовниот процес од која зависи квалитетот на генерациите кои се создаваат и без која ниту една реформа не може да успее“,
рече Шаќири.
Претседателот на СОНК, Неделков, рече дека како синдикат ќе продолжат да се заложуваат за подобрување на правата и можностите на просветните работници и во иднина, а очекува наскоро да се постигне согласност за измени во колективниот договор со кои уште повеќе ќе се стимулира работата на оние кои директно ги пренесуваат знаењата на учениците.
Наставниците, освен што ќе добијат повисоки плати, од Министерството за образование (МОН) велат оти тие продолжуваат и со континуирани обуки, како единствен начин постојано да се јакнат нивните професионални компетенции, отворајќи им можности за кариерен развој во звања ментор и советник. Во период од три години, како што велат од МОН, во звање ментор, напредувале 250 наставници од основните училишта, кои се носители на промените што се случуваат за поквалитетна настава.
Шаќири рече дека Владата и Министерството за образование и наука обезбедуваат системска поддршка за наставниците и работат на достоинствено вреднување на нивниот труд и посветеност.