Студентката опиша дека настанала огромна турканица во која таа се заглавила помеѓу влезната и излезната врата, почнала тешко да дише, а зад неа се слушнала експлозија

Во судницата во затворот „Идризово“ денеска продолжи судењето за пожарот во кочанското т.н кабаре „Пулс“. Рочиштето продолжи со искази на сведоци на Обвинителството.
Студентката Теа од Штип рече дека пиротехничките средства во „Пулс“ биле поставени откако таа пристигнала во објектот, по еден часот по полноќ.
На влезот, како што наведе, имало двајца обезбедувачи, а нивната маса била поставена пред бендот, во непосредна близина на сцената.
Во исказот пред судот, таа рече дека во текот на вечерта биле поставувани пиротехнички средства, а и таа реагирала кај своја пријателка дека се наоѓаат „премногу блиску“ до гостите.
Додека снимала со мобилниот телефон, забележала дека по околу една минута започнал пожар.
„Видовме искри и дека гори плафонот. Не го сфативме веднаш сериозно, но кога еден член од бендот повика да излеземе, тргнав кон излезот“,
рече таа.
Студентката опиша дека настанала огромна турканица во која таа се заглавила помеѓу влезната и излезната врата, почнала тешко да дише, а зад неа се слушнала експлозија.
„Бев веќе во лежечка положба, беспомошна. Барав помош. До мене беше пријателот, кого го држев за рака“,
рече таа додавајќи дека била извлечена од обезбедувачот по име Стојанчо.
Таа рече дека и при претходните посети на „Пулс“ имало случаи кога се користела пиротехника, како и оти во локалот влегувала и додека била малолетна.
На прашање на судот дали кога била малолетна и одела во „Пулс“ ѝ барале лична карта на влезот, рече „да” и потврди дека во минатото додека била присутна, никогаш не била сведок на полициска рација.
На почетокот на судењето обвинителот рече дека за барањето на првообвинетиот за определување мерка куќен притвор ќе се произнесе или писмено или на следното рочиште.
На минатото рочиште одбраната на првообвинетиот, сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов-Деко, побара да му биде заменет притворот со мерка куќен притвор поради сериозно и алармантно влошување на неговата здравствената состојба.
Бранителот на Деко, адвокатката Ивана Коцевска, кажа дека судот е запознаен со здравствената состојба на обвинетиот и посочи дека нејзиниот клиент е донесен на судење со отворена рана по оперативен зафат, директно од болнички услови.
Поради влошување на здравствената состојба на Јованов, во понеделникот во судницата во „Идризово“ беше повикана Брза помош.
Судијката Дијана Груевска-Илиевска, која го води судењето, кажа дека по извршената интервенција, на обвинетиот му бил даден совет за земање храна и вода, а кога тие му биле понудени, тој одбил. Потоа, додаде судијката, од брзата помош судот беше информиран дека по дадената интервенција, тој може да продолжи со следење на расправата.
Пожарот во „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Со денешното рочиште продолжува доказната постапка со сослушување сведоци на предлог на Обвинителството, кое го застапува тим од 15 јавни обвинители.
За пожарот во Пулс се обвинети 35 физички и три правни лица. Меѓу нив се сопственикот на „Пулс“, негови блиски, инспектори на државни институции, поранешни министри и припадници на агенцијата што го обезбедувала т.н. кабаре и нејзиниот сопственик.
На почетокот на судскиот процес сите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и ја оспорија тезата на одбраната дека има каузална, односно причинско-последична врска помеѓу нивните дејствија и причината за смртоносниот пожар.
