На денешната средба помеѓу премиерот на техничката Влада, Талат Џафери и специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, сер Стјуарт Пич, било оценето дека јасната европска перспектива е главен двигател на помирувањето и на напредокот на целиот регион
На состанокот помеѓу претседателот на македонската влада, Талат Џафери и специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, сер Стјуарт Пич, меѓу другото се разговарало и за важноста на изборите кои ѝ претстојат на земјава бидејќи тие ќе бидат одредница на евроатлантските перспективи на Македонија. Во таа насока, била поздравена и категоричната определба за спроведување на избори според највисоките европски стандарди.
„На средбата се оцени дека јасната ЕУ-перспектива е главен двигател на помирувањето и на напредокот на целиот регион, бидејќи интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, освен што е политички, безбедносен и економски интерес на регионот и на Унијата, е и геостратегиска инвестиција во стабилноста на европскиот континент. Беа разменети ставови за актуелните случувања на Западен Балкан, состојбата во Босна и Херцеговина, односите меѓу Србија и Косово“,
се вели во соопштението од Владата.

Пич и Џафери се согласиле дека регионот е подложно тло за пласирање на дезинформациски наративи, и посебно е потребно сериозно и будно справување со обидите за влијание врз изборните процеси со хибридни дезинформциски наративи. Дополнително, премиерот Џафери се заблагодарил за засилениот ангажман на Обединетото Кралство во Западен Балкан и промовирањето на регионалната безбедност.
„Двајцата соговорници го потврдија долгогодишното пријателство меѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство, што се реализира преку поддршката што нашата држава ја добива за клучните прашања во демократскиот развој и во остварувањето на стратешките цели“,
стои во владиното соопштение.
