Во последните 24 часа во земјава се регистрирани 9 смртни случаи како последица на ковид-19. Во болницата во Куманово почина пациент на 81 година, во Охрид пациент на 83 години, во „8 Септември“ четири лица на возраст од 61 до 69 години. На Клиниката за инфективни болести борбата со вирусот ја загубија три пациенти на 85, 78 и 47 години.
Зад сите овие бројки стојат нечии татковци, мајки, баби, дедовци…
Дневните податоци сепак не откриваат, дали бројот на смртни случаи се зголемува, намалува или се одржува на исто ниво. Во потрага под одговор, го пресметавме бројот на смртни случаи по седмици, почнувајќи од денот кога беше потврден првиот смртен случај од ковид-19.
Така, доколку се земе во предвид датумот кога властите известиле за одреден смртен случај, во првите седум дена од регистрирањето на првата жртва од коронавирусот во Македонија (22 март 2020 г.), починаа уште три лица. Потоа бројката порасна на 13, па на 17 лица. Следеше тренд на намалување, со исклучок на шестата недела (крајот на април, почетокот на мај), кога беа регистрирани за тогаш рекордни 23 смртни случаи за една недела. До средината на мај, бројот на смртни случаи на неделно ниво падна до 7 случаи. Но потоа, со растот на бројот на новозаболени, почнаа да се појавуваат и поголем број на смртни случаи. Бројката прво порасна на 15, па на 18, па на 20, за да стигне до 28 смртни случаи во последната целосна недела.
Дека трендот ќе продолжи да расте покажуваат податоците за оваа недела, која иако се уште не е завршена веќе регистрира 31 смртен случај од ковид-19.

Дека бројот на починати забрзано расте покажува и друг преглед, оној на кумулативниот број на смртни случаи. Имено, од првиот смртен исход од новиот коронавирусот до биланс од 50 жртви поминаа 28 дена. Границата од 100 жртви беше надмината за уште дополнителни 28 дена. Но, потоа, за да се стигне до 151 жртва, беа потребни само уште 20 дена, а границата од 200 жртви е надмината за само 10 дополнителни дена.

Зошто толку брзо расте бројот на смртни случаи?
Првата директна причина што расте бројот на починати од ковид-19 е што има и поголем број на заболени. Но, тоа не е единствената.
Како што денеска изјави директорката на Клиниката за инфективни болести Милена Стефановиќ, голем е бројот на пациенти кои доцна доаѓаат на лекување, најчесто по 10 до 15 дена домашно лекување без консултација на лекар, а има и случаи кои во болница доаѓаат по еднонеделно лекување дома.
„Барем 50 отсто од пациентите кои починале се предоцна донесени и верувам дека ако било поинаку, ако барем го консултирале матичниот лекар и се реагирало на евентуалното влошување, ситуацијата би била поинаква“,
изјави Милена Стевановиќ, директока на Клиниката за инфективни болести.
Досегашните анализи говорат и дека важна улога во смртноста имаат и хроничните болести. Односно, пациентите кои веќе боледуваат од одредени состојби потешко ја добиваат битката со вирусот.
Клучно, што не треба да се заборави, е дека станува збор за нова болест за која нема лек или вакцина.
„Се работи за непозната патофизиологија за која ние низ ова четиримесено искусто го бараме секое можно решение. Ова прашање мора да се анализира и сумира на крајот од епидемијата“,
рече Стевановиќ.