Министерката порача дека влегувајќи во воената алијанса земјава јасно го одбрала патот на стабилност и сојузништво наспроти деструктивните однесувања, притоа исцртувајќи ги своите државни цели и покажувајќи оти НАТО не е закана за никој, туку дека постои за да се заштити себеси и, како што рече, да не дозволи унилатерални и непромислени одлуки на различни режими да посегнат по нашата територија и по нашите граѓани
На денешен ден во 2020 година С Македонија кажа каде припаѓа, кои се нашите заеднички вредности и кое е нашето место како земја која отсекогаш се залагала за мир, демократија и стабилност – порача министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешната свеченост по повод одбележување на четиригодишнината од пристапот на земјава во НАТО-алијансата, како и одбележување на Денот на Генералштабот.
Но, овој датум, порача Петровска, има и друга историска важност.
„Ова е клучен датум во создавањето на суверена и независна Македонија. Додека во сите поранешни републики во поранешна Југославија беснееја војни, благодарејќи на мудрите одлуки на првиот претседател Киро Глигоров и првиот министер за одбрана Трајан Гоцевски, последниот војник на поранешната ЈНА на мирен начин замина од територијата од независна и суверена Македонија со што се создадоа услови за формирање на Армијата на Република Македонија. Првиот 27 март ја потврди нашата одлучност за самостојна и независна држава, а вториот 27 март ја зацврсти нашата безбедност и стабилност“,
рече министерката за одбрана во своето обраќање.
Порача дека влегувајќи во воената алијанса земјава јасно го одбрала патот на стабилност и сојузништво наспроти деструктивните однесувања, притоа исцртувајќи ги своите државни цели и покажувајќи оти НАТО не е закана за никој туку дека постои за да се заштити себеси и, како што рече, да не дозволи унилатерални и непромислени одлуки на различни режими да посегнат по нашата територија и по нашите граѓани.
„С Македонија е јасна, НАТО е јасен – ние не сме закана, но затоа сме повеќе од обединети во одлучноста да ја спроведеме нашата политика на одвраќање и одбрана. Затоа македонската армија е дел од мултинационалните сили на НАТО во Латвија, Бугарија и Романија каде што заедно со сојузниците се гарант на безбедноста на источното крило на Алијансата. Но и нарегионално ниво С Македонија заслужено стана еден од столбовите на безбедноста. Македонски војници се на Косово да помогнат во заедничката мисија на КФОР, но и во БиХ каде што години наназад даваме поддршка на мисијата на Европската Унија“,
додаде Петровска.
Говорејќи во оваа насока, министерката додаде дека како членка на Алијансата, земјава мора да биде подготвена за зацврстување на отпорноста на општеството, особено, како што рече, поради сè уште активната војна која се води на европската почва и поради злонамерните обиди за дестабилизација на регионот. Градењето на отпорноста, порача Петровска, е сериозен предизвик пред кој сме исправени и кој мораме да го совладаме.
Министерката се обрати на централната свеченост по повод одбележување на четиригодишнината од членството на земјава во НАТО и Денот на Генералштабот. Свои обраќања на свеченоста имаа и првиот вицепремиер за европски прашања, Бојан Маричиќ и директорот на Генералштабот на Армијата, генерал Симеон Трајковски.