Натали Петровска од коалицијата „Сите за правично судење“ во дебата во емисијата „360 Степени“ на Алсат зборуваше за првостепената пресуда за настаните од 27 април 2017 год. во Собранието и нивните реакции со оглед на тоа што го следеа целиот процес.
– Првата реакција ни беше за зачестеноста на судењата и за времетрањето на судските расправи. Имаме еден предмет кој ефективно во фаза на постапка заврши за околу 6 месеци, а бројот на рочишта е 59. Тоа значи, безмалку две рочишта на неделно ниво. Нашата забелешка главно беше во моментот кога рочиштата траеја и повеќе од 8, 9, па и 10 часа и продолжуваа веднаш наредниот ден. Забелешките ни беа упатени во насока на тоа дека се оневозможува ефективна одбрана на обвинетите во случајот, бидејќи се оневозможува и адекватно време на припрема нна таа одбрана, спремност на адвокатите понатаму да постапуваат и реагираат во однос на наводите коишто се изнесувани од обвинителството, меѓутоа и времетраењето на процесот беше заморувачки за сите чинители во постапката, меѓу кои и обвинителот и судскиот совет коишто треба будно и со цела концентрација да следи еден таков предмет како би можел со овој интензитет за 6 месеци истиот да го заврши – рече Петровска.
Таа рече дека очекува да има жалби за оваа пресуда, па да стигне и до Европскиот суд за човекови права за заштита на правото на фер и правично судење во поглед на должина на постапките.
– Ние во некои од нашите реакции посочивме и дел од праксата на овој суд, меѓутоа не беше земено во предвид. Реагиравме за должината на времетрање на постапките во однос на саатницата, за тоа дури поднесовме и претставка до Судскиот совет по која се уште немаме одлука – рече Петровска.
Напишете коментар