„360 степени“ веќе објави дека денеска на владина седница се очекува Петровска да биде разрешена од директорската позиција, иако засега нема потврда дека како точка на дневен ред ќе бидат ставени и кадровски прашања
Петровска пак, токму денеска на прес-конференција даваше отчет за сработеното на Државниот инспекторат за животна средина за првите шест месеци од годинава
Актуелната директорка на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска, не сака да ги коментира најавите за нејзино разрешување, иако токму денеска одржа прес-конференција на која даде отчет за сработеното на Инспекторатот во првата половина од годинава.
„360 степени“ веќе објави дека денеска на владина седница се очекува Петровска да биде разрешена од директорската позиција. Владината прес-служба, во меѓувреме, најави седница во 14 часот, иако нема потврда дека ќе се разговара и за кадровски прашања.
„За ова прашање не би сакала да коментирам. Владата ќе одржи седница и доколку има таква точка на дневен ред, тоа е тоа“,
рече Петровска на прес-конференцијата, одговарајќи на новинарско прашање за најавите за нејзино разрешување.
Петровска рече дека Државниот инспекторат за животна средина во првите шест месеци од годинава сработел 1 132 надзори, односно за 30 отсто повеќе од предвидените 866.

Информираше дека се покренати и две кривични пријави, а поведени биле и 43 прекршочни постапки од кои 36 се казни со изречени глоби со платни налози.
„Платните налози се со различни причини, голем дел се изречени за отстапување од водостопанските дозволи односно неплаќање на надоместоци за водни услуги од страна на комуналните претпријатија. Понатаму, сме имале спогодување до АД ‘Водостопанство’ во насока да се регулираат речните корита кои порано беа издавани дозволи за регулација на речното корито, а не се вршеше регулација само се вршеше копање на песок. Сега со таа спогодба АД ‘Водостопанство’ има обврска по стационажи да врши регулација на речното корито, а дури потоа да продава ископан песок и чакал. Имаме платни налози кои се изречени за диви отпади, забрани за асфалтна и бетонска база…“,
рече Петровска.
Најниските глоби, како што посочи Петровска, се во износ од 3 000 евра, а највисоката глоба изречена оваа година е 20 000 евра – за една оранжерија во Градско од која истекол мазут во реката Вардар.