Дополнителната заменик-министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска вели дека министерот Наќе Чулев не споделил клучна информација во врска со случајот со пронајдените лични документи при претрес кај лице од Штип.
„Во врска со фејсбук-објавата на техничкиот министер Чулев, а во интерес на објективно известување на јавноста поврзано со извршениот претрес во објекти во Штип за наводен поткуп Чулев, намерно или заради отсјајот, не споделува клучни информации од спроведената истрага, а тоа е дека сите од досега сослушаните граѓани чии лични документи се најдени изјавиле дека личните документи не им се земени заради поткуп туку заради долг. Ова не е кривично дело поврзано со изборите туку кривично дело од областа на економскиот криминал кое допрва треба да се докаже“,
вели Петровска.
Таа порачува дека е срамно да се злоупотребува позицијата министер за внатрешни работи и да се соопштуваат невистини, особено кога истрагата е во тек, што, впрочем, е напишано и во известувањето до ОЈО.
„Известувањето во кое е наведено дека не се спомнува ниту една политичка партија, а е доставено до ОЈО е потпишано и од началникот и од дополнителниот началник на СВР Штип. Со ова очигледна е намерата на Чулев да влијае на истрагата и да ја злоупотреби за партиски цели. Ги повикувам професионалните и чесни припадници на Министерството да не подлегнуваат на партиските притисоци и секој сомнеж за кривично дело да го докажат во соодветна постапка со соопштување на факти“,
реагира Петровска.
Чулев во својата објава претходно напиша дека штипјанецот ги држел личните карти и пасошите на лица од ромска националност кои имале долг во неговата продавница и спомена конкретни уцени за гласање за политичка партија и наведе конкретно кривично дело „поткуп при избори и гласање“.
„По добиени оперативни информации дека лицето Д. А. од Штип поседува патни исправи и лични карти од повеќе НН лица од ромска националност кои биле држени како залог за настанат долг во неговата прехранбена продавница, а кој долг наводно би им бил подмирен доколку истите на денот на изборите гласаат за политичката партија СДСМ, од страна на ОЕК при СВР Штип од Судија на претходна постапка од Основен суд Штип побарана и добиена е наредба за претрес на дом и други простории кај конкретното лице со цел обезбедување на материјални докази и целосно документирање на настанот. При извршениот претрес во прехранбената продавница на лицето биле пронајдени 4 тетратки во А4 формат во кои имало список со имиња, 69 биометриски лични карти, 18 биометриски патни исправи, 18 стари патни исправи, 6 стари лични карти, 1 дозвола за престој и 1 здравствена легитимација, за кои постои основано сомневање дека се предмет на кривично дело ’Поткуп при избори и гласање‘ од чл. 162 од КЗ. Пронајдените предмети со потврда за привремено одземени предмети се одземени од лицето Д. А., а во просториите на СВР Штип со конкретното лице извршен е разговор во однос на околностите поврзани со пронајдените предмети‘,
наведе Чулев.