Образованието никогаш не ги оспособувало учениците да ги поврзуваат информациите, да ги интерпретираат и толкуваат, да ги користат за решавање проблеми од секојдневниот живот, едноставно, да го поврзат тоа што го учат во секојдневието. Како последица на тоа, имаме формирани генерации кои се следбеници, комформиситчки настроени, кои чекаат некој да им каже што треба да мислат, да им каже што треба да прават, наместо самите да преземаат иницијатива и да мислат, што би се рекло, со своја глава, рече универзитетската професорка по психологија, Виолета Петроска-Бешка, коментирајќи ги резултатите од едно неодамнешно истражување на МЦМС
Со отсуство на воспитна компонента во нашиот образовен систем децении наназад и учење само да се пренесуваат информации без критички однос кон нив, не изненадуваат податоците дека висок процент од граѓаните не сакаат лица со хендикеп, припадници на ЛГБТИ-заедницата или Роми за свои соседи, вели универзитетската професорка Виолета Петроска-Бешка. Во дебата во во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, Петроска-Бешка рече дека акцентот во образованието е само на преносот на знаење, прост трансфер на знаење во вид на информации кои многу често за учениците немаат јасна врска со реалноста.
„Образованието никогаш не ги оспособувало учениците да ги поврзуваат информациите, да ги интерпретираат и толкуваат, да ги користат за решавање проблеми од секојдневниот живот, едноставно, да го поврзат тоа што го учат во секојдневието. Како последица на тоа, имаме формирани генерации кои се следбеници, комформиситчки настроени, кои чекаат некој да им каже што треба да мислат, да им каже што треба да прават, наместо самите да преземаат иницијатива и да мислат, што би се рекло, со своја глава. Нема потреба кај нас да се мисли и глупаво е да мислиш со своја глава, така е оценето во општеството. Тие, главно, не можат да ги предвидат последиците од своите постапки, не се чувствуваат одговорни, затоа што само трансмитираат ставови на некои други“,
посочува Виолета Петросска-Бешка, професорка на Институтот за психологија при УКИМ.
Иистражувањето на МЦМС „Толеранција и вредности на граѓаните“, кое беше основа за дебатата во „360 степени“, откри дека големо мнозинство од испитаниците не сакаат соседи кои се зависници од дрога (91%), зависници од алкохол (88.6%), луѓе со криминално досие (82.2%), хомосексуалци (81%), лица заболени од ХИВ (77.2%), и имигранти (71.2%). Мнозинство од граѓаните не сакаат да живеат покрај лица припадници на субгрупи (56.3%), лица со хендикеп (52%) и Роми (52.1%).
Според Петроска-Бешка, современето живеење бара сосема друг начин и пристап во образованието за да се надминат недостатоците што ги покажува истражувањето на МЦМС.
„Се наметнува потребата учениците во училиште да се оспособат критички да размислуваат, односно да не ги примаат информациите здраво за готово, туку да знаат како да ги обработуваат. Да не се плашат од предизвиците и проблемите, да ги доведуваат во прашање ваквите ставови и вредности, да се соочуваат со проблемите, да наоѓаат креативни решенија и, клучно, сега што се бара – да развијат социо-емоционални вештини што се карактеристични за зрели и активни одговорни личности кои стојат зад сопстевните постапки“,
рече професорката.
Петроска-Бешка, која беше вклучена во подготовката на новата концепција за основно образование, вели дека токму оваа реформа што постепено се воведува во наставната програма, инкорпорира т.н. национални стандарди, односно дефинирани знаења, вештини и вредности што ученикот треба да ги поседува кога ќе заврши основно образование.
„Има корпус од осум такви подрачја, неколку од тие се во корпусот на општество и демократска култура. На пример, во доменот на знаења, концепцијата вели: ученикот да знае и умее да препознае присуство на стереотипи и предрасуди кај себе и другите и да се спротивставува на дискриминација. Значи, сите предмети треба да се трудат да придонесат кон ова. Понатаму се наведува – да ги разбира разликите меѓу луѓето на било која основа – родова, етничка припадност, возраст, способности, социјален статус и сексуална ориентација и да прави критичка рефлексија на одредени лични и општествени вредности и однесувања, особено кога се работи за етички сензитивни ситуации. Ова се национални стандарди кои треба да се рефлектираат во сите предмети, најмногу во предметот историја и општество, но и во учење на мајчините јазици, странските, природни науки, дури и математика“,
вели Петровска-Бешка.
Во дебатата учествуваа и соработничката на проекти во МЦМС, Наташа Димова, и истражувачот во Коалицијата Маргини, Славчо Димитров.