Универзитетскиот професор смета дека би било подобро наместо линеарни (да се однесуваат на сите), мерките на Владата да се таргетирани, односно за оние на кои им е неопходни. Сепак, вели доколку мерките биле прецизно и специфично таргетирани ќе требаше повеќе време да се дизајнираат

Мерките на Владата за одговор на кризата се релативно навремени, смета професор на Универзитетот Американ колеџ“, Марјан Петрески, кој вечерва беше гостин во емисијата „360 степени“ на Алсат ТВ.
„Кога велам релативно навремени, ги гледам низ две перспективи. Прво, ако се присетиме каква беше реакцијата кога ковид-пандемијата удри првпат, во март 2020 година, тогаш со мерките имаше и дебата и веројатно и одредено задоцнување, бидејќи клучниот пакет-мерки дојде во средината на април, значи околу месец-месец и половина по ударот на пандемијата. Сега имаме реакција веќе во првите две недели што е позитивниот аспект. Но, велам дека е релативно навремено од перспектива дека тензијата околу Украина постоеше и претходно, а и претседателот на државата ни соопшти дека земјава уште на 5 ноември 2021 г. имала разузнавачки сознанија дека ова ќе се случи. Значи, во меѓувреме, тој простор во која мера бил искористен за прилагодување, дефинирање сценарија, па и на вакви мерки, не можам да говорам во таа смисла“,
рече Петрески.
Кога станува збор за опфатот на мерките, тој смета дека тие се коректни со оглед дека е во прашање прв контингент мерки кој очекува дека ќе се проширува и приспособува.
„Особено беа важни да се донесат што поскоро и со цел да испратат сигнал до населението и компаниите дека тука е Владата која се грижи и презема она што е во нејзина моќ, политичка и фискална, за да влијае на состојбата во мера во која тоа е возможно“,
додава Петрески.
Зборувајќи за мерките, професорот посочува дека од 26-те кои беа објавени, само четири или пет се од значење во овој конкретен момент, а тоа се оние кои се однесуваат на намалување на акцизата за горива, намалувањето на ДДВ-то, укинувањето на царинските стапки за некои производи и ваучерите за ранливите категории население. Сите, со исклучок на ваучерите, нагласува Петрески, се линеарни односно се однесуваат на сите.
Според него, можеби ќе беше подобро мерките да се таргетирани односно да ги опфатат повеќе оние на кои им се неопходни, но во таков случај, како што вели професорот, можеби ќе беше потешко и да се донесат.
„Се разбира, сите сме погодени како население и компании, меѓутоа ударот од оваа криза ќе биде различен за различни сегменти од населението и најголем ќе биде за оние кои се поранливи. Со укинувањето на ДДВ-то кај сметките за струја, тоа во апсолутен износ ќе биде најмало кај оние што трошат најмалку, тоа се ранливите категории, а кај големите потрошувачи во апсолутен износ ќе има големо намалување. Во релативна смисла потешко да ја плаќа сметката за струја секако е за посиромашното домаќинство. Во таа смисла зборувам дека во моментов подобро ќе беше да беа таргетирани, како што е случајот со ваучерите за ранливите категории граѓани, но истовремено, сепак, изразувам разбирање дека во релативно краток период мерки кои се многу прецизно и специфично таргетирани можеби е и тешко да се донесат“,
вели Петрески.
*Повеќе вести од вечерашното издание на „360 степени“:
Беџети за антикризните мерки: Владата да ги следи трендовите и да реагира на дневно ниво
Беџети: Може да се соочиме со неодржливо ниво на јавниот долг