Универзитетскиот професор вели дека државата повторно ќе се задолжува и дека сега цената ќе биде поскапа, бидејќи за разлика од изминатиот пат кога задолжувањата се правеа поради ковид-пандемијата, сега има голема неизвесност предизвикана од воените дејствија во Украина и има голем притисок врз цените

Професорот на Универзитетот Американ колеџ, Марјан Петрески, вечерва во емисијата „360 степени“ на Алсат ТВ рече дека без дилема буџетскиот дефицит годинава ќе се продлабочи, како и дека, најверојатно, ќе се јави потребата од ново задолжување, кое сега, за разлика од периодот на ковид-пандемијата, ќе биде поскапо.
Коментирајќи ја изјавата на министерот за финансии Фатмир Бесими, професорот рече дека повратот на евентуални 500 милиони евра во државниот буџет, кои се очекуваат како ефект од дел антикризните мерки на Владата, би се согледал на среден или долг рок.
„Министерот (Фатмир Бесими) алудираше на тоа дека кога ќе дојде ефектот од тие мерки, можеби, ќе го надмине оној трошок кој сега е планиран при првиот удар на кризата ама да не заборавиме дека таквите ефекти ќе ги согледаме на среден до долг рок – тие евентуални 500 милиони евра, кои ги земам дека се коректно пресметани. Во смисла на ликвидносните потреби, ако тие 500 милиони ги чекаме некогаш во иднина, а сега имаме почетна негатива од 400 милиони евра, тоа значи дека годинава тоа ќе создаде голем притисок врз Буџетот и тоа ќе се рефлектира врз буџетскиот дефицит. Немам дилема дека буџетскиот дефицит ќе се продлабочи од некое планирано ниво од четири отсто. Тој сигурно ќе биде поголем, но не можам да шпекулирам, бидејќи не ја знаеме сè уште длабочината и времетраењето на кризата“,
рече Петрески.
Професорот вели дека во ситуација на криза она што се прави е кратење на непродуктивните трошоци, како и користење на резервите кои го најголем дел, според неговите претпоставки, се пари кои државата ги позајмила претходно и стојат на сметките во централната банка. Меѓутоа, вели Петрески, ќе се јави потреба од повторно задолжување, кое по ситуацијата со Украина и ценовната криза, ќе биде поскапо во споредба со тоа што се случуваше во екот на ковид-кризата.
„Во кризни околности подобро е да имаме поголема девизна ликвидност, значи да не ја собираме домашната денарска ликвидност од банкарскиот систем односно буџетот да не ја прибира, да се задолжува на домашниот пазар. Меѓутоа, тоа е клучна разлика во однос на времето од пандемијата, сега цената на задолжувањето ќе биде различна, бидејќи во време на пандемијата се реагираше со големи фискални и монетарни стимули насекаде во светот што овозможи тогаш цената на задолжувањето да биде многу ниска. Но, сега имаме поинаква ситуација, имаме голема неизвесност предизвикана од воени дејствија и, второ, имаме притисок кај цените што оневозможува толкава монетарна и фискална експанзија како тогаш. И сето тоа мислам дека ќе влијае на цената на задолжувањето“,
рече Петрески.
*Повеќе вести од вечерашното издание на „360 степени“:
Беџети за антикризните мерки: Владата да ги следи трендовите и да реагира на дневно ниво
Петрески: Владините антикризни мерки се релативно навремени и со коректен опфат
Беџети: Може да се соочиме со неодржливо ниво на јавниот долг