Претходно денеска, бугарскиот претседател Радев ја оцени посетата на Петков на С Македонија како избрзана, појаснувајќи дека секоја избрзана акција на бугарската влада, секој позитивен прелиминарен сигнал може погрешно да се протолкува како некакви отстапки од бугарска страна
Петков одби да го коментира приемот на претставниците на ОМО Илинден кај претседателот Стево Пендаровски истакнувајќи дека „доброто е што надворешната политика на Бугарија и Република Северна Македонија зависат од премиерот и од владите на двете земји“
Посетата на Северна Македонија не беше избрзана, туку „ужасно многу задоцнета“, реагираше бугарскиот премиер Кирил Петков на изјавата на претседателот од Бугарија Румен Радев дека неговата посета на Скопје била избрзана.
„Вистината е дека Бугарија изгуби 30 години во тие односи. Мојата посета не само што не е избрзана, туку и ужасно задоцнета. Не јас како премиер, таа беше задоцнета бидејќи бугарската страна треба да има активна позиција, да има конструктивен тон на дејствие, да има јасни цели и точен пристап“,
рече Петков.
Тој изрази жалење дека Бугарија изгубила толку многу години истакнувајќи дека не можел да издржи да ја одложува посетата за ниту еден ден повеќе.
„Како што видовте, тоа го направив еден ден по именувањето на новиот премиер на Република Северна Македонија. Верувам дека ако не сакаме Балканот да остане најсиромашен и најкорумпиран дел од Европската унија, пристапот мора да се смени. Ова треба да се заснова на добрососедство, економски развој и заедничка работа. Не можете да се расправате со соседот и да мислите дека тоа е добро“,
рече Петков.
На новинарско прашање дали не е премногу самоуверен во сето ова, имајќи предвид дека претседателот на РСМ ги примил членовите на ОМО Илинден, Петков рече дека уште многу сили ќе се обидат да го попречат процесот.
„Факт е дека има многу сили на Балканот кои не сакаат РСМ да биде дел од ЕУ. Зошто не сакаат? Затоа што нестабилниот Балкан во оваа геополитичка ситуација им дава предност на земјите кои не ни мислат добро. Но, отсега да не се оправдуваме со странски држави, туку да ги засукаме ракавите и да ја завршиме работата. И ако го направиме тоа на ‘стариот’ начин, се сопнуваме, а ако не биде како што ние сакаме, нема да биде поинаку и ќе останеме онаму каде што сме, имено до најниската точка“,
рече Петков.
Тој одби да го коментира приемот на ОМО Илинден кај претседателот Стево Пендаровски истакнувајќи дека „доброто е што надворешната политика на Бугарија и Република Северна Македонија зависат од премиерот и од владите на двете земји“.
Претходно денеска, бугарскиот претседател Радев ја оцени посетата на Петков на С Македонија како избрзана, појаснувајќи дека секоја избрзана акција на бугарската влада, секој позитивен прелиминарен сигнал може погрешно да се протолкува како некакви отстапки од бугарска страна.
Денешната изјава на Радев во врска со посетата на Петков е спротивна на она што тој го кажа и во говорот во Собранието на 19 јануаари и во изјавата ден потоа.
Во Собранието Радев оцени дека предложениот пристап од Владата кон нашите соседи има потенцијал да го динамизира дијалогот и треба да биде поддржан но, порача дека ваквиот пристап, како што рече, не треба да ги стави во втор план проблемите за правата на „нашите сонародници и заедничкото историско-културно минато“.
„Сакам да бидам правилно разбран: Јас сум меѓу политичарите кои посакуваат РСМ да стане членка на ЕУ. Токму затоа треба да им помогнеме на нашите соседи да ги надминат идеологизмите од тоталитарното минато и да ги исполнат критериумите за членство. Како одговорна членка на ЕУ, Бугарија треба да интегрира во него партнери, а не проблеми“,
рече Радев во говорот.
Ден потоа, во изјава за новинарите Радев рече дека по посетата на премиерот Кирил Петков на Скопје, има многу позитивни сигнали и според него, треба да се поддржи секој чекор што води кон продлабочување на односите.
„Има многу позитивни сигнали од оваа посета. Сепак, се надевам, како што кажав во средата од собраниската говорница, заедно со сите напори за подобрување на поврзаноста, инвестициите, економијата, соработката – да не заборавиме на главните прашања што треба бидат решени и кои, всушност, ќе ја отклучат вратата за почеток на преговорите“,
истакна бугарскиот претседател.