Во честитката, објавена на ФБ-страницата на бугарската Влада, Петков нагласува дека добрососедството може да донесе сериозни придобивки не само за двете земји, туку и за целиот регион
Бугарскиот премиер Кирил Петков му го честиташе на Димитар Ковачевски стапувањето на должноста премиер на Северна Македонија и и посака успех на nовата влада во Скопје.
„Очекувам да работиме заедно на нов конструктивен дијалог и разбирање во интерес на нашите билатерални односи, чиј развој е од голема полза за граѓаните на Бугарија и Република Северна Македонија“,
напиша бугарскиот премиер на официјалната Фејсбук страница на Владата на Бугарија.
Бугарскиот премиер истакна дека ставот на Бугарија за европската перспектива на нејзиниот близок сосед е конзистентен и јасен. Според Петков, добрососедството може да донесе сериозни придобивки не само за двете земји, туку и за целиот регион.
Кирил Петков и владина делегација утре ќе го посетат Скопје.
Со тоа, првата средба на Ковачевски, по неговиот избор за премиер, со колега од друга земја ќе биде токму со Петков, кој, пак, беше избран на чело на бугарската Влада, кон средината на минатиот месец.