Музичарот Петар Георгиевски – Камиказа се кандидира за градоначалник на Скопје со поддршка од опозициската партија Левица, соопшти лидерот на партијата Димитар Апасиев на својот профил на Фејсбук.
Георгиевски вели пак дека тој е независен кандидат, но ќе ја добие поддршката од гласачкото тело на Левица за како што вели, да добие поголема видливост меѓу гласачите на возраст од 18 до 30 години. Одлуката, вели Георгиевски, ја донесол откако анкетите покажале дека оваа возрасна група повеќе го познава актуелниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, отколку него.

„Оние деца кои се родени во независна Македонија, кои од прилика имаат од 18 до 30 години мене ме познаваат само 13% а Шилегов 65%. Токму овој факт беше причината за која се колебав овие денови да ја финализирам мојата кандидатура за градоначалник. Обично не се откажувам така лесно, и направив едно мало истражување, да видам каде можам да најдам начин, да ме запознаат поголем дел од триесетгодишните кои го познаваат Петре Шилегов повеќе од мене. Испадна дека единствена политичка партија чие гласачко тело ги има токму овие гласачи, е Левица. Со нивна поддршка како независен кандидат, шансите драматично се зголемуваат да се анулира разликата или со други зборови, победата е речиси блиску“,
вели Георгиевски.
Тој на пошироката македонска јавност и е познат како член на групата „Меморија“.