Задутре новите амбасадори имаат нова шанса за претставување на платформите пред собраниската Комисија за надворешни работи, бидејќи Милошоски за тој ден закажа продолжение на комисиската седница од април
Четворица новоименувани амбасадори на земјава точно пет месеци не можат да заминат во мисиите во Москва, Виена, Рим и во Њу Делхи, затоа што чекаат да се закаже седница на собраниската Комисија за надворешни работи, каде што треба да ги претстават своите платформи за дипломатски активности, што е последната фаза пред преземање на функцијата.
Претседателот на собраниската Комисија за надворешни работи Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ ја закажа првично за 20 април годинава седницата на која ополномоштените амбасадори требаше да ги бранат своите тези пред пратениците. Но оваа седница беше прекината по усвојувањето на првата точка, односно Законот за ратификација на Договорот меѓу страните на Северноатлантскиот договор за безбедност на информации, така што расправата по другите четири точки (за претставување на амбасадорските платформи) се оддолжи во следните пет месеци.
Задутре, среда, новите амбасадори имаат нова шанса за претставување на платформите, бидејќи Милошоски за тој ден закажа продолжение на комисиската седница од април.
Доколку седницата се одржи и заврши истиот ден, во мисиите во Русија, Индија, Австрија и Италија ќе може да заминат Ненад Колев, Слободан Узунов, Освит Росоклија и Весел Мемеди. Во спротивно, испраќањето на амбасадорите, веројатно, ќе чека најмалку до завршувањето на локалните избори, со оглед на тоа што е најавено дека Собранието нема да заседава за време на кампањата, која почнува на 27 септември.
Во овој случај политичко е единствено именувањето на Весел Мемеди за амбасадор во Рим. Тој беше пратеник во минатиот состав на парламентот од Националната демократска преродба (НДП) – партијата што ја основаше некогашниот градоначалник на Гостивар, Руфи Османи. Мемеди, кој коалицираше со СДСМ и со ДУИ во претходната влада, си поднесе оставка од пратеничкото место летото 2019 година откако премиерот Зоран Заев, при тогашната владина реконструкција, предложи разрешување на единствениот министер (за локална самоуправа) од редовите на НДП, Сухејл Фазлиу, за на тоа место да дојде Горан Милевски од ЛДП.
Колев, Узунов и Росоклија, пак, се именувани како професионални амбасадори од редовите на МНР.
Актуелниот министер за надворешни работи Бујар Османи, како и неговиот претходник Никола Димитров, во повеќе наврати во последните години апелираа до Милошоски да не го кочи заминувањето на нови амбасадори во мисиите за кои се поминати сите процедури за именување.
Иако во меѓувреме дел од новименуваните амбасадори заминаа на функциите откако го поминаа и „собранискиот филтер“, С Македонија сѐ уште нема ополномоштени дипломати во дел од земјите во регионот и во соседството, како во Бугарија и во Србија, а празни се и амбасадорските позиции во Вашингтон, во ОН во Њујорк, како и во Брисел во Белгија…