Пропаднаа четири тендери, а неодамна е распишан и петти за избор на фирма која треба да изгради т.н. заштитена соба во Собранието. Од кабинетот на претседателот на парламентот, Талат Џафери, велат дека не смееле да дозволат пропусти и дека „треба да имаме и сериозни понудувачи и понуди“. Странски донатори веќе купиле опрема за собата
„Глувата“ или заштитена соба е неопходна пред сè за поквалитетен надзор над тајните служби и следењето на комуникациите
Заштитена, тивка или глува соба. Тоа се некои од имињата кои означуваат една иста работа – просторија изградена на начин што во неа или од неа не продираат електромагнетни бранови. Уште во 2017 година пратениците и од власта и од опозицијата се договорија таква соба да се изгради во Собранието, како дел од пакетот мерки за подобар надзор над тајните служби.

Меѓународните партнери, кои со години помагаат во воспоставувањето механизми кои би спречиле нов скандал со незаконско прислушување, купиле и опрема за заштитената соба. Но, таа опрема со години стои неупотребена бидејќи Собранието не може да избере изведувач за градежните зафати.
Според податоците достапни на Бирото за јавни набавки, Собранието има распишано пет огласи, во период од околу една година, за изградба на заштитената соба. Последниот е активен, а претходните четири пропаднаа.

Првиот повик е објавен на 1 јуни 2021 г. Процената вредност за изградба на собата била 340 000 евра. Набавката пропаднала бидејќи „не е поднесена ниту една понуда или ниту една прифатлива понуда“. Од иста причина пропаднале и вториот и третиот тендер. Последниот неуспешен, четвртиот тендер, е објавен на 21 мај годинава, а проценетата вредност за изградба на собата е зголемена на 520 000 евра. И покрај тоа, не бил избран победник бидејќи цените и условите биле „понеповолни од реалните на пазарот“.

Дали собата чини повеќе отколку што Собранието има пари или има и друга причина што не може да се избере изведувач? Од парламентот велат дека доставените понуди биле неприфатливи или од технички или од финансиски причини. Немало грешки во тендерската документација, која е изработена со помош на странски партнери.
„Проектот за изградба е изработен, направена е негова ревизија, а проценетата вредност е согласно проценката направена од независното проектантско биро кое го изработило проектот, како и според извршената анализа на цените на берзата за материјалите, суровините и опремата“,
одговорија од Собранието на РСМ, на прашање од „360 степени“.
Кој и да биде и кога и да се избере, изведувачот ќе мора да ја гради собата во подрумските простории на парламентот во близина на ресторанот. Така е по проектот. Пратеникот Љупчо Пренџов, кој е претседател на собраниската Комисија за надзор на АНБ и Агенцијата за разузнавање, е еден од парламентарците што се во тек со активностите.

„Е, ова се тие неколку простории коишто треба да се спојат, да се изведе еден минимален градежен зафат и тоа би требало да претставува таа глува соба којашто ќе биде единствена во Македонија со највисоко ниво на заштита за информациите“,
објасни Љупчо Пренџов,
Два ката погоре се просториите каде што сега се држат седниците на Комисијата за надзор над тајните служби. А таму, вели Пренџов, нема услови пратениците да прават вистинска цивилна контрола над тајните служби.
„Ние кога разговараме, можеме да имаме со определен директор, на пример, на Агенцијата за разузнавање или АНБ, јавна расправа за некоја тема што е државна тајна. Ние имаме, контрола правиме на одредени операции што ги имаат тие, а се државна тајна. Имаме извештаи што се сработила АНБ или Агенцијата за разузнавање во текот на претходната година, доаѓа надзор во Собранието и вие не можете да ги правите тие разговори овде во оваа просторија. За тоа, согласно законот во Македонија и секаде во светот, ни се потребни т.н. глуви соби“,
вели пратеникот Пренџов.
Според опозицискиот пратеник, крајно несериозно е што таа нема да биде изградена ниту во 2022 година.
„Независно што имаше корона, независно што имаше определени покачувања на цените на репроматеријалите на светските берзи, мислам дека три-четири години е предолг период за една држава да не може да обезбеди соба што ќе има максимална заштита согласно НАТО-стандардите“,
заклучува Љупчо Пренџов.
На истиот кат, но во друга канцеларија, работи пратеникот на СДСМ, Миле Талевски. Тој е претседател на Комисијата за одбрана и безбедност, која заедно со комисиите за надзор над тајните служби и за надзор над следењето на комуникациите, има најголема потреба од заштитената соба.

„Зошто е битна? Знаете дека овие три комисии располагаат со информации од доверлив карактер. Таа заштитена соба ќе има можност, врз основа на сите НАТО-стандарди коишто се пропишани, да се одржат состаноци и работни состаноци на овие овие работни тела во таа соба“,
вели Миле Талевски, пратеник од СДСМ.
Талевски, сепак, не е критичен како неговиот опозициски колега за фактот дека толку потребната соба сè уште не е изградена. Според него, најважно е тендерот да се спроведе законски.
„Да бидеме реални, тоа е процедура којашто опфаќа одредена сума, значителна сума на средства и должно е Собранието таа процедура да биде запазена. Во овој процес не го гледам Собранието или администрацијата како виновник зашто не реализирала таа постапка, затоа што ви кажав и на почетокот, посебната јавна набавка опфаќа и посебни спецификации во делот на она што е пропишано како НАТО-стандарди“,
пратеник од СДСМ.
Нема виновници, но нема и заштитена соба. А не е дека нема заинтересирани фирми што сакаат да ја градат. Од Собранието за „360 степени“ одговорија дека интерес покажале три фирми:

- Бетон – Скопје, се пријавиле на сите тендери
- Макаус – Скопје, се пријавиле на сите тендери
- Битем – Скопје, се пријавиле само на последниот тендер
Инаку, „Бетон“ е фирма во чија сопственичка структура е бизнисменот и поранешен вицепремиер Минчо Јорданов. „Макаус“, според достапните податоци, е мала, но компанија со стабилен број вработени и приходи во последниве години. „Битем“, пак, е фирма со огромен раст од формирањето во 2016 година, при што зад себе има и значителен број тендери со институции.
Од Собранието не споделија повеќе детали – што грешеле фирмите кога поднесувале понуди, но објаснија дека се подготвени да го зголемат буџетот за собата.

„Во тек е објавен оглас за истата набавка и во зависност од успешноста Собранието ќе одлучува за евентуална промена на буџетот за оваа набавка, имајќи ги предвид постојаните промени на цените на репроматеријалите, суровините и опремата“,
велат од Собранието.
Изградбата на собата е задача на локалните власти, но таа е дел од широк повеќегодишен проект што го финансираат Велика Британија, Шведска, Швајцарија, ЕУ и Холандија. Заштитената соба, вели холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп, е дел од проектот што носи придобивки и дома и надвор.

„Таа не е барање само во проектот. Таа е барање на НАТО. Исто така, неуспехот да изгради оваа соба во голема мера ќе ги компликува преговорите за поглавјата 23 и 24 при претстојните пристапни преговори со ЕУ… Граѓаните на Северна Македонија имаат ниска доверба во домашните институции. Ова е проблем низ целиот реформски процес. Така, изградбата на оваа соба би влеала доверба дека има соодветен парламентарен надзор над разузнавачката заедница“,
вели Јан Коп.
Зошто собата не е изградена, Јан Коп нема информации. Проблемот, сепак, не го гледа во недостигот на политичка волја туку во отсуство на акција.
„Колку би можело да е тешко да се најдат субјекти кои би можеле да изградат соба, за која дизајнот е готов, во рамките на одреден буџет? Според мене, претседателот на парламентот е наклонет кон овој проект и лично притиска да се заврши. Затоа, каде е закочено, не знам. Но изгледа дека со малку посилен поттик, со малку подобро управување, овој проблем може лесно да биде решен“,
додава холандскиот амбасадор.
Освен собата, дел од проектот за кој зборува Јан Коп се законските измени со кои се реформираше системот на пресретнување на комуникациите. Холандскиот амбасадор признава дека е направено многу, но е критичен дека и на тоа поле има застој бидејќи никогаш не профункционира Советот за граѓански надзор.

„Во законот беше заборавено да се вметне и буџет за тоа (советот н.з.), па никој не сака да биде дел од него, затоа што членовите не се платени. И ова се поправа лесно. Или да се подготват измени на законот, што треба да ги направи Министерството за внатрешни работи, или да се сменат правилата кои го засегаат (советот н.з.), што треба да го направи Комисијата за одбрана во парламентот. И за двете работи, во последните три години, нема ништо. Значи, заштитената соба и Законот за следење на комуникациите се двете пречки за понатамошен напредок во оваа област“,
вели амбасадорот на Кралството Холандија во земјава.
И на прашањата на „360 степени“ од Собранието велат дека се сериозни во намерата да ја изградат заштитената соба, но и дека „треба да имаме и сериозни понудувачи и понуди“ кои ги исполнуваат условите.
На прашањето дали доцнењето со изградбата го нарушува кредибилитетот на законодавниот дом во целиот процес за засилување на контролата над тајните служби, од кабинетот на претседателот Талат Џафери одговорија:
„Во последните неколку години во Собранието беше ставен посебен акцент на зајакнување на надзорната функција на законодавниот дом, посебно преку јакнење на капацитетите на комисиите кои вршат надзор над безбедносниот сектор, со поддршка на меѓународни партнери, како што е ДКАФ. Собранието кон овој сегмент од работата постапува со особена сериозност, за да не се дозволат какви било пропусти што би можеле да го доведат во прашање кредибилитетот на целиот процес, во кој е вложено многу во последните години“,
велат од Собранието на РСМ.
Последниот, актуелен тендер за заштитената соба, се затвора на 10 октомври годинава. Дотогаш треба да стигнат сите понуди на заинтересираните компании. Ќе биде ли – петта, па среќа?