Вкупно 36 семејства од охридското село Пештани бараат државата да им го врати имотот конфискуван уште во 1957 година или да ги обесштети по актуелна пазарна цена
Влезот на автокампот Градиште во Охрид утринава повторно е блокиран за возила. Пред кампот протестираат баратели на имот токму во Градиште кои се заглавени во процесот на денационализација. Собирот е мирен и ќе трае до 13 часот.
„Тука се сите баратели на имотите во процесот на денационализација. Организираме мирен протест, нашата цел е да се спроведат пресудите на Управен суд во наша корист. Бараме институциите да си ја завршат својата работа во целост. Секако дека ќе продолжиме да си ги бараме она што е наше“,
вели за „360 степени“ Андријана Башоска, една од барателите на имот.

Вкупно триесет и шест семејства од Пештани повеќе од 20 години се заглавени во денационализацијата. Нивните парцели во близина на охридското крајбрежје се конфискувани уште во 1957 година и таму е поставен автокампот. Комисијата за денационализација не сака да им го врати имотот, оти цени дека исполнет е јавниот интерес за кој е одземено земјиштето – изграден е автокамп. Им нуди обесштетување, а цените се движат од 230 до 275 денари за метар квадратен, што за Пештанци е неприфатливо. Тие бараат државата да им го врати имотот, или во крајна линија, да ги обесштети по сегашна пазарна цена.
Инаку, иако земјиштето под автокампот Градиште сè уште е на Република Северна Македонија, со него управува компанијата „Инекс Горица“, која одамна е во приватна сопственост. Во моментов, автокампот под закуп го има фирмата „МКМ Нова Трејд“, со петгодишен договор до 2024 година. „МКМ Нова Трејд“ годишно ѝ плаќа на „Инекс Горица“ околу 57 000 евра, а потоа ги издаваат приколките на заинтересирани поединци. Но, кој е ќарот на државата?
Општина Охрид во чија надлежност е управување со ова државно земјиште, одби да одговори на нашите прашања – под какви услови фирмата Инекс Горица поставила автокамп на државно земјиште, дали има договор за закуп, концесија, на колкав временски период и за колку пари?
Во последната пресуда поврзана со Градиште, Управниот суд ја уважи тужбата на Атина Милеска од Пештани и го поништи решението на Комисијата за денационализација со кое беше предвидено обештетување од 235 денари по квадратен метар. Но, Судот не носи мериторно решение, туку ја задолжува Комисијата одново да ги разгледа барањата за денационализација. Така, Пештанци со години се вртат во институционален круг.