„Секогаш кога претставници на Сојузот на синдикатите на Македонија ќе побараат повисоки плати кон нас се вперуваат прсти од партијата на власт ВМРО-ДПМНЕ или останати од Владата кои критикуваат. Мислат дека се поинтересни ако прашаат колкави се нашите плати, кои исто како и нивните не ги криеме, но се далеку помали од функционерските плати, од платите на министрите, пратениците итн“, вели потпретседателот на ССМ, Иван Пешевски за ТВ Телма во врска со денешната прес-конференција на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски
„Не може да има за пратениците, а да нема за работниците!“, „Подадената рака на работникот денес, може лесно да стане стисната тупаница утре!“ и „Не може да се одлучува за нас, без нас!“. Ова ќе бидат пораките ќе ги испрати Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) на протестот најавен за в среда (2 април), откако Владата минатата недела ја усвои информацијата за зголемување на минималната плата за 1 8000 денари во нето-износ. Од друга страна, пак, од ССМ бараат дополнително зголемување на минималната плата за 6 000 денари.

Протестот, како што денеска соопштија од ССМ ќе почне во 12:05 часот со јавна седница на органите и телата на здружените синдикати, која ќе се одржи пред Работничкиот дом. Оттаму, потоа учесниците ќе продолжат до Собранието, Стопанската комора и Владата каде ќе продолжат со јавната седница и ќе ги изложат нивните пораки и барања.
Јавната седница, како што велат од ССМ, ќе се одржи по одлука на претседателството на Сојузот, донесена на 28 март. Целта, како што информираат е да се изрази јавното мислење за остварување на социјални и економски интереси за заштита на работничките права и правото на слобода на здружување и синдикалното организирање.
Од Сојузот на синдикатите на Македонија бараат пратениците во Собранието да го предложат и гласаат нивниот предлог за дополнително зголемување на минималната плата за 6 000 денари, како и зголемување на сите останати плати во приватниот сектор со зголемувањето на минималната плата.
„Да не гласаат Закони со кои се намалуваат работничките права на штета на работниците, онака сложно како што не гласаат закони за намалување на нивните привилегии“,
се вели во соопштението од Сојузот на синдикатите на Македонија.
Според ССМ, газдите од Стопанската комора да ја прифатат подадената рака на работниците за зголемување на платите со цел задржување на квалификуваните работници во земјава поради тоа што, како што наведуваат, најмалку 15 000 работници и граѓани ја напуштаат Македонија секоја година. Велат дека доколку не се зголемат платите, тие ќе бидат главниот виновник за егзодус на работниците од Македонија.
„Владата да застане на страна на работниците, да престане да одлучува еднострано на штета на работниците, да го почитува социјалниот дијалог и да ги запре нападите кон синдикатите и обидите да се замолчат работниците. Владата како најголем работодавач, да ги зголеми платите на вработените во јавниот сектор согласно Општиот колективен договор за јавен сектор, гранските колективни договори, колективните договори на ниво на работодавач, како и да ги усогласи со минималната плата согласно посебните закони“,
се наведува во соопштението од ССМ.
Во пресрет на протестот од владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска го обвинија раководството на Сојузот на синдикати на Македонија дека прима високи плати, но и дека некои негови членови остваруваат и други приходи што доаѓаат од активности надвор од работењето во ССМ.
Ваквите наводи ги изнесе пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, кој на прес-конференција рече дека од информациите што ги добиле од свиркачи во ССМ, Стојанче Кашиковски, претседателот на Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот и комунално-станбено стопанство, покрај платата, остварува и дополнителни годишни примања.
Петрушевски рече и дека, според свиркачите од ССМ, претседателот на Сојузот Слободан Трендафилов и луѓето околу него го претвориле синдикатот во приватна фирма.
Претседателот на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање и потпретседател на ССМ, Иван Пешевски во изјава за ТВ Телма вели дека ваквите обвинувања не ги гледаат како директен удар кон нив, туку многу повеќе како удар врз работниците.

„Секогаш кога претставници на Сојузот на синдикатите на Македонија ќе побараат повисоки плати кон нас се вперуваат прсти од партијата на власт ВМРО-ДПМНЕ или останати од Владата кои критикуваат. Мислат дека се поинтересни ако прашаат колкави се нашите плати, кои исто како и нивните не ги криеме, но се далеку помали од функционерските плати, од платите на министрите, пратениците итн“,
вели тој.
После среда, Пешевски вели дека очекуваат секој ден да будат на улиците, додека како што наведува, не се променат некои работи.