Од Обвинителство велат дека со оглед на тоа дека осомничениот сè уште е недостапен за органите на прогонот и по него се трага со национална и меѓународна потерница, ќе се преземат други дејствија за испитување и прибирање докази
Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поднесе уште една кривична пријава против поранешниот директор на АД „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, за злоупотреба на службена положба и овластување.
Тој е осомничен дека склучил договор за закуп на простории за потребите на акционерското друштво, кои не биле соодветни и не биле во согласност со условите наведени во објавениот јавен повик, а цената за закупот била двојно повисока од реалната пазарна цена.
По поднесената кривична пријава од Финансиска полиција, од ОЈО Скопје велат дека веќе се постапува по пријавата.
„Основното јавно обвинителство Скопје ја прими и веќе постапува по пријавата. Со оглед дека осомничениот сè уште е недостапен за органите на прогонот и по него се трага со национална и меѓународна потерница, ќе се преземат други дејствија за испитување и прибирање докази“,
велат од Обвинителството.
Во описот на пријавата од Управата за финансиска полиција се вели дека пријавениот Бајрами на 5 јули 2023 година склучил договор за закуп на административно-деловен простор со скопската фирма ХЕЈ.
„Пријавениот предвидел посебен услов во јавниот повик односно административниот дел и магацинскиот простор да се со вкупна просторна површина од најмалку 2 000 до најмногу 2 500 квадратни метри и склучил договор за закуп на деловни простории со површина од 2 426 квадратни метри иако вкупната површина на објектот по имотен лист изнесува 2 924 квадратни метри. Со намера да го изигра посебниот услов од јавниот повик, во текот на 2024 година склучил договор за послуга за останатите 502 квадратни метри од објектот што е предмет на закуп“,
се вели во соопштението од Управата за финансиска полиција.
Исто така, Бајрами, иако во јавниот повик за прибирање понуди за закуп за деловни простории предвидел посебен услов понудувачот да има сопствено дворното место на објектот и да има простор за најмалку 50 паркинг-места за патнички и товарни возила, тоа не било опфатено во договорот за закуп склучен на 5.7.2023 година.
Тој, се додава во соопштението, склучил договор за закуп за деловни простории за 9 евра по квадратни метри, иако во тој период цената за слични објекти по намена и вид во населено место Визбегово се движела од 2,5 до 4,5 евра.
Бидејќи деловните простории не биле адаптирани за намената од договорот, тие требало да бидат реновирани и реконструирани за што Бајрами предвидел и отпочнал јавна набавка со износ од 1 300 000 евра за оваа намена, а тоа претставувало дополнителен трошок за „Државна лотарија“.
„На тој начин, пријавениот П.Б. во својство на директор на АД ’Државна лотарија’ склучил договор за закуп на деловни простории кои не биле адекватни за потребите на акционерското друштво и за цена за квадратен метар која е повисока од пазарните цени. По склучување на договорот за закуп на деловни простории од страна на пријавениот иако истите не биле користени од страна на АД ’Државна лотарија’ согласно намената од договорот за закуп, АД ’Државна лотарија’ на правниот субјект ХЕЈ му исплатила 24 636 045 денари“,
се додава во соопштението.
Според Управата за финансиска полиција, пријавениот Бајрами со склучениот договор за закуп на деловни простории кои не биле користени согласно намената, предизвикал штета на „Државна лотарија“ во износ од 24 636 045 денари.
Во декември минатата година, Основното јавно обвинителство Скопје поведе истрага против шест лица во врска со случајот со „Државна лотарија“. За двајца од нив, како што соопшти Обвинителството, постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело проневера во службата, додека за преостанатите четворица е поведена постапка за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.
Врз основа на кривичните пријави од МВР и УЈП, по судска наредба, полицијата изврши претреси на девет локации во Скопје и во Кумановско.
Министерството за внатрешни работи во декември минатата година распиша меѓународни потерници за поранешниот вицепремиер Артан Груби и директорот на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, кои се товарат за проневера на околу осум милиони евра од „Државна лотарија“.
Кривичниот суд Скопје им одреди 30-дневен притвор на поранешниот вицепремиер Артан Груби и поранешниот директор на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, кои не се достапни за органите на прогон, а се поврзани со истрага во случајот „Лотарија“.