Пензионерите бараат линеарно зголемување на пензиите, а минималната пензија да биде еднаква на минималната плата. Изминатиот период, пензионери протестираа во своите градови, а за денеска е најавен протестот во Скопје
Пензионери денеска ќе одржат протест во Скопје барајќи повисоки пензии. Како што е најавено, тие прво ќе протестираат пред седиштето на Сојузот на здруженија на пензионери, а потоа ќе се упатат кон Министерството за труд и социјална политика, каде што ќе бараат средба со министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
Пензионерите бараат линеарно зголемување на пензиите, а минималната пензија да биде еднаква на минималната плата. Изминатиот период, пензионерите протестираа во своите градови, а за денеска е најавен протестот во Скопје.
Од Сојузот на здруженија на пензионери не се согласуваат со протестите. Минатата година беше донесена нова методологија за пресметка на пензиите согласно која сега во септември пензиите треба да се зголемат за шест проценти.
Пензионери од повеќе градови јавно се пожалија дека Сојузот им ги укинал автобусите со кои требало денеска да допатуваат во Скопје за да учествуваат на протестот. Дел од нив тврдат дека викендов во општинските здруженија се јавувале луѓе од Сојузот за да им прават притисок да не протестираат. Во дел од градовите пензионерите сами барале донатори за да им обезбедат превоз до Скопје.